Вести Македонија

Мијалков ветува дека нема да бега, обвинителството не му верува

11 милиони евра во имот, му донесоа на екс началникот на УБК Сашо Мијалков можност  за слобода. Ги даде како гаранција за да излезе од притвор но и дека нема да бега до правосилност на 8 годишната затворска казна која ја има за судскиот процес Трезор.

Апелациониот суд нема образложение за оправданоста на одлуката, за која претходно вишото обвинителство се изјаснило дека не се согласува да се донесе.

На денешното рочиште за случајот Плацеви на Водно во кое исто така е обвинет, Мијалков дојде со возило од затворот, а се поизвесно беше дека на утрешното рочиште за овој предмет ќе дојде од слобода.

Но доцна попладнево се случи нов пресврт. Обвинителката Лиле Стефанова која после рочиштето не сакаше да коментира дали ќе бара притвор сепак попладнево се одлучила на таков чекор.

Имено, обвинителот цени дека и покрај дадената гаранција и определените мерки за обезбедување, се уште постои опасност од бегство и во таа насока го достави Предлогот за притвор, соопштија од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција

И додека до доцна попладнето се чекаше катастарот да впише хипотека на целиот имот кој Мијалков го става под гаранција, по што решението на Апелациониот суд треба да е  правосилно, сега не се исклучува можноста кривичниот суд да одлучува вечерва по новото барање за притвор.

Прв денеска на носењето на одлуката реагираше министерот за правда кој гхи прозва судиите а многумина тоа го протолкуваа како притисок.

Инаку Мијалков е во притвор од 23 февруари. Тогаш полицијата два дена трагаше по него откако не го најде на домашната адреса, а тој од никаде се појави пред обвинителството за организиран криминал со образложение дека ништо не знаел оти бил во самоизолација со симптоми на корона.

За оваа драма со исчезнувањето на екс-началникот на УБК обвинителстовто не пронајде виновник. Но, следуваше притворот и пресуди.

Вкупно 20 години затвор за Таргет Тврдина и за Трезор, како и неколку активни предмети отворени од поранешното СЈО.

Билјана Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прошка нема, правда за нашите ангели мора да има – ова беа дел од пораките на маршот во Кочани

Дејан Дејан

Индија го обвини Пакистан за прекршување на договорот за примирје

Дејан Дејан

Песков: Русија ќе го разгледа предлогот за триесетдневен прекин на огнот во Украина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе