Сите сме свесни за вистинската моќ на културата, уметноста и културното наследство во зачувувањето на човековата меморија и враќањето на човечкото достоинство и гордост. Освен тоа, знаеме дека културните политики низ вековите можеле да обликуваат историски наративи, кои ја доловуваат националната митологија и кои го отелотворуваат идентитетот на земјата. Меѓутоа денешниот свет, кој брзо се менува, сериозно ги предизвикува концептите на културната политика од 20 век. Ова го кажа министерката за култура Ирена Стефоска, на денешните онлајн регионални консултации на УНЕСКО за Европа и за Северна Америка, со фокус на културните политики.
Осврнувајќи се на темата: „Инвенстирање во културата и креативноста за креирање вработување и социоекономски развој”, Стефоска нагласи дека културата не треба да се разбира како луксуз.
- Дефинитивно мораме да дадеме сè од себе за да ја промениме лажната перцепција за културата како трошок или луксуз и да ја прикажеме како важна стратегиска инвестиција, која носи значителни придобивки за општеството, рече министерката Стефоска.
Во своето обраќање таа додаде дека токму затоа на 74. Генерално собрание на Обединетите нации, оваа година беше прогласена за Меѓународна година на креативна економија за одржлив развој.
- За жал, пандемијата од КОВИД-19 во голема мера ја парализираше креативната економија, потенцира министерката за култура.
На настанот претседаваше Нина Обуљен Коржинек, министерка за култура и медиуми на Република Хрватска, а свое излагање имаше и Ернесто Отоне, помошник на генералниот директор на УНЕСКО за култура. На состанокот, учесниците дискутираа и за теми поврзани со промоција на културната разновидност во дигиталното опкружување и јакнење на статусот на уметниците, заштита и промоција на културното наследство за социјална инклузија, дијалог и мир, јакнење на синергиите меѓу културата и образованието, фокусирани на човечкиот развој и одржливост и регионалното и светско партнерство за културата и одржливиот развој.
Регионалните консултации претставуваат подготвителен процес пред Светската конференција на УНЕСКО за културните политики и одржлив развој „ Mondiacult 2022“ , што УНЕСКО во партнерство со Владата на Мексико, ќе ја реализира од 28 до 30 септември 2022 година.