Култура

Книжарниците пред колапс

Конзорциумот на издавачки куќи, книжарници и печатници апелираат до надлежните за  сочувување, заживување и осовременување на малубројните книжарници во земјава и отворање нови, зашто како што велат, книжарството во земјава е пред колапс.

  • Со овој јавен апел до Министерството за култура и Владата сакаме да укажеме дека економската криза и условите на пандемијата мошне сериозно ги погодија издавачките куќи, печатниците и книжарниците во земјава. Притоа, посебно беа погодени и се уште се наоѓаат во незавидна ситуација книжарниците (кои во голем број се затворија), а тие што останаа одвај опстојуваат и се наоѓаат во ситуација пред целосно затворање, неработење и исчезнување. Затоа, бараме Министерството за култура и Владата посебно да се погрижи за книжарниците и книжарите, зашто книжарството кај нас со години беше во криза, преживуваше, не се развиваше и напредуваше (со ретки исклучоци кога материјалната поддршка беше добиена од државни извори), па сега книжарниците се наоѓаат во катастрофална положба, пред колапс и трајно бришење од регистарот на трговски фирми и мапата на стопански субјекти, велат во соопштението од Конзорциумот на издавачки куќи, книжарници и печатници.

Според нив, недозволиво е во голем број градови да нема ниту една книжарница, или да има само една, а најмногу две, но и тие не продаваат книги и други изданија, туку само училишен прибор, канцелариски материјали и други најразлични ситници меѓу кои најчесто играчки, па дури и тоалетна хартија. Враќањето на дигнитетот на книжарството и тоа на ниво на целава држава, а не само во главниот и во поголемите градови во Републикава, истовремено е спас и враќање и на книгата и читањето кај нас.

  • Затоа, предлагаме директна државна материјална помош и долгорочни стимулативни законски мерки за сите книжарници во Републикава, со што ќе се зачуваат, спасат и обноват постоечките, а ќе се отворат и нови книжарски места таму каде што воопшто ги нема, велат од Конзорциумот.

Со книжарниците се затвора кругот автор-издавач-печатар-читател. Во спротивно, попусто е да се објавуваат книги ако нема каде да се изложат, продаваат, промовираат и да стигнат до рацете на читателите, велат од Конзорциумот. Од таму изразуваат верување дека Министерството за култура и Владата мошне сериозно ќе го сфати овој апел пред донесувањето на новиот сет економски мерки во услови на корона-кризата и безрезервно ќе им помогне на книжарниците, издавачките куќи и печатниците, кои неразделно се поврзани и се наоѓаат во тешка, макотрпна и безизлезна економска ситуација.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Стоечки овации и бис по изведбата на „Кармина Бурана”

Дејан Дејан

Кармина Бурана во Солун- заедничка изведба на Филхармониите од Скопје и Софија и симфонискиот оркестар од Солун

Дејан Дејан

Македонската филхармонија вечерва во Солун со „Кармина Бурана“

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе