Вести Македонија Топ вести Топ тема

(видео)Интервју со германската амбасадорка Анке Холштајн: Македонија заслужи да почне преговори што поскоро

Германија се залага Македонија и Албанија да почнат преговори со европската унија во исто време.

Германската амбасадорка Анке Холштајн, во интервју за Топ Тема Телма вели дека Македонија заслужи да почне преговори што поскоро.

Германија  доби нова влада предводена од канцеларот Олаф Шолц со што заврши 16-годишното владеење на Ангела Меркел. Што значи смената во врвот на германската Влада и нејзината надворешна политика?

Со амбасадорката Холштајн разговараше Сања Васиќ..

Топ Тема: Новата Германска Влада во коалицискиот договор има посебен дела за интеграцијата на Западен Балкан, што ќе значи тоа?

Холштајн: Точно е дека коалицискиот договор за првпат содржи пасус за нашата политика кон Западен Балкан и со оваа јаснотија претставува новитет. Конкретно станува збор за, цитирам: „Ние го поддржуваме пристапниот процес кон ЕУ на шесте држави од Западниот Балкан и потребните реформи за исполнување на сите Копенхашки критериуми. Во оваа рамка го засилуваме граѓанското општество и ги поддржуваме натамошните чекори за приближување. Како следен чекор, мора да бидат отворени првите поглавја со Северна Македонија и Албанија.“ И ова е важната изјава за Вас. Што ова конкретно значи, мислам дека е многу добар знак што првата средба со странски политичар на нашата нова државна министерка за Европа во германското МНР, Ана Лирман, се одржува денес со вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, господинот Никола Димитров.

Топ Тема: Меркел 16 години владееше, но прв пат Аналена Баербок е првата жена министер за надворешни работи на Германија и првиот зелен министер?

Холштајн: Да. Можам да Ви кажам дека сум горда да работам под раководство на првата министерка за надворешни работи. Министерството за надворешни работи е старо 151 година и за првпат во историјата на МНР жена ќе го раководи министерството. Дополнително на тоа, во иднина целокупната надворешна и безбедносна политика ќе биде во одговорност на жени. Покрај министерката за надворешни работи имаме министерка за внатрешни работи, за одбрана и министерка за економска соработка. Во целата Влада, и тоа е новум за Германија, постои паритет, т.е. ист број на жени и мажи. Патот дотаму беше долг, но сега сме таму и затоа се радувам и го поздравувам тоа што Сојузниот канцелар донесе такви кадровски одлуки

Топ Тема: Македонските граѓани веќе се многу уморни од чекањето пред вратите не ЕУ. Што ќе се случи ако само Албанија сега почне преговори со ЕУ?

Холштајн: Не мислам дека ЕУ ќе донесе одлука да направи исчекор само со Албанија, бидејќи и одлуката за започнување на пристапните преговори со Албанија мора да биде донесена едногласно. Такво едногласје не гледам кај земјите членки. Голем број на земји членки, вклучувајќи ја и Германија, смета дека пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија мора да започнат истовремено. За тоа се залагаме, тоа да се случи што е можно поскоро.

Топ Тема: Идниот бугарски премиер Петков во интервју за Шпигел навести дека најверојатно ќе треба да поминат шест месеци за да се најде решение на спорот со Македонија?

Холштајн: Како германска амбасадорка овде, не можам да ги коментирам позициите на бугарската Влада. Можам само да Ви кажам дека од германската страна правиме сè можно за да го ослободиме патот на Северна Македонија и со тоа практично сите земји членки на ЕУ ја следат истата цел, вклучувајќи го и сегашното словенечко претседателство со Советот на ЕУ и идното француско. За Северна Македонија е повеќе од заслужено колку што може поскоро да се почне.

Топ Тема: Ги следите и политичките случувања во Македонија, дали во моментот може да се каже дека има политичка стабилност земјата да се справи со овој предизвик, како и со другите предизвици што претстојат на економски план?

Холштајн: Интерни развои во Северна Македонија не би сакала да коментирам. За нас централно е продолжување на реформите во земјата. Владата на Заев со програмата „Европа дома“ ги постави главните одредници и значајно е програмата енергично да се спроведува понатаму, вклучително и борбата против корупцијата, која за нас е од особена важност.

Топ Тема: Ги чуствувате ли последиците што Макеоднија останува надвор од ЕУ?

Холштајн: Сметам дека кај граѓаните јасно се чувствува намалување на воодушевувањето од ЕУ. Тоа е разбирливо. Кога долго се стои пред вратата, тоа не е убаво. Чекалните никогаш не се нешто убаво. Јас лично посакувам што поскоро да се оди напред, како што кажав, мојата земја стои зад тоа. Можам добро да разберам што луѓето сè повеќе се фрустрираат и можеби помислуваат дека постојат други алтернативи. Но, од наша гледна точка не треба да има стремеж кон други алтернативи.

Топ Тема: Најавивте забрзување на издавањето работни визи за граѓаните од Западен Балкан, како тоа ќе се реализира?

Холштајн: Како што знаете од 2016 г. постои можност со посебен вид на виза да се добие работа во Германија. Доделувањето на овој тип на визи моравме да го прекинеме привремено во текот на пандемијата од разбирливи причини. Кога повторно започнавме во август оваа година, со постапка во која мораше да се биде особено брз, т.е. временскиот прозор за регистрација на термин за виза беше релативно краток. Требаше да се биде многу брз, а некои луѓе залудно одново и одново се обидуваа неколку пати. Не е во ред, терминот за виза да зависи само од тоа колку сте брзи на компјутер. Постапката не беше праведна, добивавме многу поплаки. Постои голема дискрепанца меѓу нашата ограничена понуда од 4.750 визи годишно и побарувачката во земјата. Затоа решивме да ги наречеме работите со вистинскотo име. Не можеме да им одговориме на сите барања и затоа предложивме воведување на лотарија; слично на лотаријата за Зелена карта како што со години се практикува во САД. Постапката сега е следна: во ограничен период, од февруари, ќе има пријавување, а во Берлин, значи далеку од овде, без можности за влијание, компјутерски ќе се врши извлекување. И принципот на лотарија не е задоволителен, но барем сите се еднакви.

Топ Тема: И за крај, Германија е голем инвеститор во Македонија, дали се планираат некои нови инвестиции во скоро време?

Холштајн: Најголемата германска инвестиција, која моментално е во тек е ветерниот парк, најголема инвестиција што досега ја имало во Северна Македонија. Договорите се во фаза на потпишување. Освен тоа, голем дел од германските компании што работат овде и отвориле вкупно 22.000 работни места, е е задоволен со својата инвестиција и размислува за проширување на своите локации. 9. Во овој случај станува збор за приватна компанија, која е носител на инвестицијата. Но, во право сте, новата Сојузна влада освен што има повеќе жени и е помлада, е и „позелена“. Има ново министерство за економија и заштита на климата, со кое ќе раководи Роберт Хабек, ко-претседател на Зелените, кој истовремено ќе биде и Вицеканцелар. Ова министерство треба да ги усогласи противречностите, што понекогаш се појавуваат меѓу економијата и климатската заштита.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Кој ќе биде нов гувернер ?

Дејан Дејан

УНИЦЕФ: Без здравствена заштита се 20.000 деца во Македонија

Дејан Дејан

Министерството за здравство, сепак, останува во „Вреди“?!

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе