На програмата на театарскиот фестивал „Ускана фест“ во Кичево вечерва е претставата „Вардарски пастуви“ во изведба на Театар Комедија од Скопје.
Оваа пиеса е работена според сценариото на Симон Бофој и според пиесата „Дамите бираат“ од Ентони Макартен и Стивен Синклер, во продукција на Театар Комедија, а третира скопски ликови, во кои што секој може да се препознае.
-Претставата „Вардарски пастуви“ вечерва пред кичевската публика ќе ја изведе Театар Комедија од Скопје. Приказната е современа и мејд-ин Скопје. Станува збор за скопска маалска група другари, навивачи на кои најголема љубов им е ФК Вардар. Нивниот начин на живот на маргините и по хаусторите по Скопје ги издвојува од корпоративниот свет и трката за успех, па во недостиг на финансиска моќ потенцирана од нивните секојдневни проблеми стануваат апатични. Но, при една средба еден од нив наоѓа оглас за работа: „Се бараат млади, згодни, убави за машки стриптиз“, пом што состојбата ќе се промени, вели Рахим Рамадани организатор на фестивалот.
Улогите во претставата ги толкуваат: Атанас Атанасоски како Џаро, Валентин Костадиноски-Тино како Брзи, Жарко Димоски – Жица, Илија Илијоски – Касап, Столе Мицов – Лепи, Едмонд Сотир – Роки, Ердоан Максут – Шеф, Јелена Жугиќ/ Жаклина Петровска – Лина.
Режијата, преводот и адаптацијата, како и изборот на музиката се на Синиша Ефтимов, сценографијата е на Милан Несторов, костимографија е на Александар Ношпал, а кореографија Саша Ефтимова.