Обнова и враќање на првичната намена на некогашниот објект на Месната заедница во Тафталиџе, а не тој да се урне и на негово место да се градат хотел на 5 ката и зграда на 6 ката, предвидени со ДУП-от донесен во периодот на претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Ова го побараа староседелци од Тафталиџе, на денешниот собир околу овој редок објект на месна заедница , изграден во бруталистички стил, 1971 година, познат како „Домче“.
Не сакам никаков нов објект во Тафталиџе. А, уште помалку зграда и хотел во близина на 3 училишта, каде што доаѓаат деца, каде што немаат каде да се паркираат родителите, за да ги донесат децата. Така што не можам да замислам на кој начин ќе се обезбеди безбедноста на овие деца, кога тука ќе циркулираат уште повеќе автомобили, вели Кача Поповска жителка на Тафталиџе.
Градбата на архитектот Кирил Муратовски денес е во приватна сопствност. А, повеќе децении околу сопствноста се води судски спор меѓу Социјалистичката партија и Месната заедница, вели нејзиниот некогашен потпретседател.
Месната заедница дозволи преку Општината тој што ќе гради еден кат, овој дел да се оспособи и да си остане во таа состојба , во која што бил. Отидов кај градоначалникот . Не може да го сменат Урбанистичкиот план од уште еден кат. Тие го измениле. Кој го изменил, што направиле, не знам. И уште во суд се деловите, вели Благоја Цветановски, поранешен претседател на Месната заедница Тафталиџе.
Жителите на Тафталиџе дојдоа пред „Домче“, на перформансот во негова одбрана, насловен „Изгубени модернистички утопии?“, кој го организираше здружението ФРУ, во соработка со „Културно ехо“ и „Ситископ“, во рамките на фестивалот АКТО. На него учестуваа студенти од Архитектонскиот факултет и од ФДУ, кои поминаа работилница со Миодраг Куч, од Центарот за урбанизам и уметност од Берлин.
Сакавме да го отвориме прашањето што треба да се зачува? Дали само архитектурата, дали вредноста на маалскиот заеднички живот, вредноста на јавното. Бидејќи да е иронијата поголема, сега објектот е во приватна сопственост, вели Филип Јовановски.
Жителите на Тафталиџе и уметниците разговаа за средба со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, за надминување на проблемот. А, дали Јакимовски ќе ги прими, не добивме одговор зашто беше недостапен.
Сотир Трајков