Во Македонија 41,33% примиле една доза, а 37,78% од граѓаните две дози вакцини против Ковид-19, стои во истражувањето што го спроведе епидемиологот д-р Харис Бабиќ, на Институтот Каролинска во Стокхолм, заедно со нашата Управа за електронско здравство „Мој термин“. Истражувањето е спроведено од почетокот на вакцинацијата на средината на јануари до крајот на септември, годинава. Најголем дел од испитаниците биле вакцинирани со Фајзер – 298.000 и со Синовак- 242.000 граѓани. Две дози Фајзер примиле над 88%, а две дози Синовак- 91% од граѓаните. Најмалку се вакцинирани со Спутник В скоро 23.000 граѓани, а од нив две дози примиле 99 %.
Од почетокот на епидемијата со корона вирус во земјава, до крајот на септември годинава, вкупно се хоспитализирани 30.136 лица. Од нив 6.542 или над 21% починале. Просечната возраст на хоспитализираните изнесува 61 година, а 56% од нив биле мажи. Од болничкиот третман до смртта поминале во просек 15 дена, а половината умреле во рок од 8 дена од хоспитализацијата, заклучило истражувањето.
Од хоспитализираните нешто повеќе од 0% биле целосно вакцинирани. Постарата возраст и машкиот пол значително ја намалиле ефикасноста од вакцините. Граѓаните на возраст од 65 години и повеќе имале околу 76% поголем ризик да бидат хоспитализирани од оние под таа возраст, а мажите имале за 23% поголем ризик за хоспитализација од жените.
Две дози од Ковид-19 вакцината на Фајзер/Бионтек покажаа највисока ефективност во спречувањето хоспитализација од 97,58%. На второ место е Астра Зенека со 94%, а најниска заштита има вакцината Спутник В, со 80%, се вели во истражувањето.
Постарата возраст и машкиот пол значително влијаеја и врз ризикот од смртност. Граѓаните на и над 65 години имале скоро двојно поголем ризик од смрт од Ковид, а мажите имале околу 28% поголем ризик за смрт, во однос на жените. Со примени две дози вакцини Синовак, заштитата од смртност била најсилна и изнесувала 96%, на второ место е Астра Зенека со 95%, а најдолу е Синофарм, со 91%.
Резултатите ги потврдуваат наодите дека вакцините против Ковид- 19 се високо ефикасни како во македонската , така и во останатите популации, се вели во истражувањето. Во него биле вклучени вкупно 1.886.124 граѓани, на возраст од 11 години и постари.
Сотир Трајков