Вести Топ вести Топ тема

Македонците во голем процент ги поддржуваат и најапсурдните теории на заговор

Македонските граѓани во најголем дел ги прифаќаат како факти и најапсурдните теории на заговор, како таа дека од авиони се прска со вирусот на Ковид-19 или дека светските настани ги контролираат неколку најбогати семејства и ред други. Овој шокантен резултат е само дел од истражувањето на Институтот за демократија “Социетас Цивилис” во соработка со претседателскиот центар за политичко образование, кое беше претставено во вечерашната Топ Тема, кое меѓу другото покажа дека македонските граѓани не им веруваат на политичарите, ниту на институциите, ниту на експертите и науката.

Истражувањето дефинитивно покажа дека кај граѓаните има исклучителна наклонетост кон теориите на заговор, околу 72% од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 64% дека Ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46% дека климата се контролира со сателити и радари, 45% дека се запишуваат повеќе мртви од Ковид-19 затоа што министерството за здравство давало пари, 46% дека од авиони се прска со вирусот на Ковид а 57% дека големите медиуми шират лаги.

Според Влора Речица од “Социетас Цивилис”,  има повеќе фактори кои влијаат на наклонетоста на граѓаните кон теориите на заговор. Како многу важна причина таа ја наведува недовербата во државните институции и во официјалните извори на информации.

“Зборуваме за многу голема недоверба во Собранието, во владата, недоверба и во претседателот а најмногу има недоверба во судството. Недовербата постои не само кон демократските институции кои треба да ја водат државата, туку граѓаните не веруваат ниту во политичарите, политичките партии, во медиумите, ниту во експертите. Значи една генерална недоверба во се што би требало да ни даде сигурност дека информацијата е точна. Не веруваат ни во јавното здравство.” – вели Речица.

Оваа огромна недоверба, според неа, создава огромен простор за манипулација со јавното мислење. Како дополнителен проблем, Речица, го наведува и многу слабото образование, што според неа е децениски проблем.

Треба да се работи на медиумско описменување на граѓаните, што е ургентна мерка која треба да се превземе, вели Влора Речица.

Јован Близнаковски од Институтот за социолошко и политички истражувања изјави дека за него лично не се шокантни резултатите од испитувањето, дека станува збор за општествен тренд кој и претходно бил регистриран.

“Дефинитивно образованието и развојот на критичното образование во рамки на образованието е многу важно.” – смета Близнаковки.

Професорката Мирјана Најчевска го посочи прстот и кон политичарите за проблемот со верувањето во најразличните теории на заговор, имено погрешното разбирање на демократијата, односно погрешното структурирање на демократијата во државата и злоупотребата на демократијата од политичарите довела до една ваква ситуација.

“Политичарите ја извадија паролата “народот е во право и тогаш кога греши” и оваа парола се употребува и во изборите и во секоја комуникација со граѓаните и секогаш кога политичарите се обидуваат да го дезавуираат мислењето на експертите. Отсуството на професионалност во државните институции е тоа кое што ја раѓа најголемата недоверба кај граѓаните, која што понатаму се преточува во еден ваков облик на небулози.” – подвлекува Најчевска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Домашен притвор за возачот кој усмрти пешак и избега- 9 пешаци загинале во Македонија од почетокот на годината, од Нова Година ќе се „пали“ Сејф сити

Дејан Дејан

Ова не е „буцни прачка напиј се вино“ процес, Тошковски со народна поговорка за истрагите за чаирските дивоградби

Дејан Дејан

Совесноста на луѓето најголемата превенција од пожари во шумите и планините

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе