Два платени слободно дена за вакцинација, ПЦР тестовите на товар на работодавачот и мерката да стапи на сила по 15 наместо 10 дена по усвојување е компромисот постигнат меѓу Министерството за здравство и Сојузот на синдикати на Македонија околу мерките за вакцинација за вработените во јавниот сектор и здравството предложени од Комисијата за заштита од заразни болести.
„За сите овие нивни предлози ќе дискутираме на утрешната седница на владата“, изјави Венко Филипче, министер за здравство.
Од Сојузот на синдикати на Македонија барањето за пролонгирање од пет дена на стапување на сила на мерката го објаснија со потребата на членството да му ја објаснат потребата од вакцинирање, но потенцираат дека остануваат на своите барања за кои се надеваат дека ќе бидат утре прифатени од владата.
„Доколку работникот не може или не сака да се вакцинира, тие ПЦР тестови, за да може да ги врши неговите работни задачи, да паднат на това на работодавачот, што е мислам сосема фер. Исто така најдовме и еден стимулативен дел каде што велиме: ’Секој оној работник што ќе се вакцинира, денот на вакцинација и тој потоа да му бидат платени слободни денови’“, вели Дарко Димовски, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Но ако е можна отстапка околу тоа на чиј товар ќе паднат плаќањето на ПЦР тестовите на вработените во јавниот скетор кои не сакаат да се вакцинираат, за здравствените работници околу вакцинирањето нема прогледување низ прсти.
За нив вакцинирањето ќе биде задолжително, без можност да биде заменето со приложување на негативен ПЦР тест. Филипче притоа укажа и на правната основа за ваквата мерка.
„Има едни такви одредби во правилникот за имуно-профилакса. Имајќи ја предвид специфичноста на ситуацијата, и тука апсолутно мислам дека го прикажавме кој е тој член од тој правилник, како и врз основа на што ќе биде дефинирана таа задолжителност за да, во следните 30 дена, сите здравствени работници да се вакцинираат“, изјави Филипче.
Гранковиот синдикат во здравството иако не успеа да го разубеди Министерството околу задолжително вакцинирање на здравствените работници сепак успеа да се избори за грејс период од 30 дена пред да почнат да се применуваат какви и да се санкции врз оние кои нема да се вакцинираат.
„Да видиме после тие 30 дена да видиме каква ќе биде состојбата на терен, колку ќе ја сфатат сериозноста на самото вакцинирање. После 30 дена останува поволност да може да седнем и да видиме што после тоа ако се соочиме со одредени, да кажам наши вработени, да не успеат да се вакцинираат во тој рок од 30 дена или имаме одредено непочитување на таа одлука“, изјави Љубиша Каранфиловски, прeтседател на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита.
Филипче ургентната потреба оваа мерка сега да се усвои ја објасни со неможноста да се запре во земјава да влезе „делта плус“ сојот на коронавирусот, кој циркулира во сите околни земји, а кој е многу позаразен од обичниот „делта“ сој и создава голем број на проблеми и хоспитализации. Филипче притоа информираше дека засега овој сој, според секвенционирањето на примероците на 48 пациенти во изминативе две-три недели покажало дека, не е присутен во земјава.
Тамара Грнчароска