Вести Македонија

Светски ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди- во Македонија намалени жртви, ама се судат и минимални казни на виновниците

Бројот на жртви на сообраќајниците во октомври 2021 е за 55 отсто помал од бројот на жртви во октомври 2020, соопштија денеска портпаролот на МВР Тони Ангеловски и претседателката на РСБСП Гордана Кожувароска на одбележувањето на 15 ноември-Светскиот ден за сеќавање на жртвите од сообраќајни несреќи.

„Им благодарам на мнозинството граѓани кои ни се приклучија во напорите да обезбедиме што е можно побезбедни патишта. Им благодарам и на полициските службеници, кои секојдневно даваат придонес за безбедноста на патиштата. Во октомври оваа година имаме пет жртви во сообраќајните несреќи, а во октомври минатата година имало 11. Ова е сериозно намалување, но ние продолжуваме со интензивните активности за овие бројки да се намалуваат и натаму и ги повикувам и оние граѓани кои до сега не ги почитуваа правилата да ни се приклучат и сите заеднички да обезбедиме безбедни патишта. 2020 беше најбезбедна година според бројот на жртви на патиштата, но првите десет месеци од 2021 покажуваат дека оваа година е со најмал број на жртви на патиштата“, рече денеска Ангеловски.

За дополнително намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи МВР и РСБСП продолжуваат со превентивните активности, но и со засилени контроли за санкционирање на учесниците во сообраќајот кои не ги почитуваат законите.

Во текот на вчерашниот ден санкционирани се 663 возачи поради возење со брзина поголема од дозволената.

„За да се сврти вниманието на трагичните последици од сообраќајните несреќи, да се изрази почит кон загинатите и солидарност кон нивните семејства, како и да се подигне свеста за фаталните последици од неодговорното однесување во сообраќајот, Организацијата на Обединетите Нации усвои резолуција со која повикува на одбележување на Светскиот ден за сеќавање на жртвите во сообраќајни незгоди. Апелираме заеднички  да го направиме сообраќајот побезбеден, почнувајки секој од себе, од сопствените грешки и од сопственото однесување во сообраќајот. Време е! Разбуди ја свеста и кажи стоп за смртта на патиштата!“, рече Гордана Кожувароска, претседателка на РСБСП.

Годишно, 1.3 милиони луѓе во целиот свет  го губат животот во сообраќајни несреќи, а 20 до 50 милиони лица се повредени. Тоа значи дека на секои 25 секунди едно лице го губи животот во сообраќајна несреќа во светот, рече Кожувароска.

Ангеловски и Кожувароска ги потсетија граѓаните и дека од денеска 15 ноември до 15 март задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема за безбедно учество во сообраќајот.

Иако МВР потенцира дека има намалување на казните сепак обвинителството и судовите изрекуваат или се спогодуваат за минимални или условни казни за виновниците кои предизвикале несреќи и човечки жртви, како што беше случајот со Кичеец или пак неколку несреќи кои ги обработуваше емисијата КОД.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мапи со горливи точки објави ЦУК – централниот дел на земјава под висок ризик од пожари

Дејан Дејан

Припадник на АРМ убиен во престрелка во Батинци

Дејан Дејан

Уапсен битолчанец кој со нож нападна сограѓанин на пазарот во Битола

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе