Носителот на листа на ДУИ во Охрид, но и попознат во јавноста по повеќе инциденти и дивоградбата во центарот на градот Нефи Усеини размислувал дали да поднесе оставка од советничката функција. Ова го потврди во телефонски разговор за Телма, после шпекулациите дека тој веќе ја поднел оставката. Кусо само одговори дека се уште се мисли, а причината рече дека е судир на итереси по што го прекина разговорот.
Претседателот на советот Сашо Донев вели дека советничкиот мандат на Усеини се уште не е верификуван бидејќи тој не се појавил на првата седница. На следната која треба да се одржи во петок како точка на дневен ред е ставена верификацијата на мандатот на Усеини. Донев нема информација дали ќе се откаже од функцијата, но доколку го стори тоа на негово место ќе дојде следниот кој беше на листата на ДУИ а тоа е Ајлин Мусли. До службите до сега не пристигнало барање од Усеини но велат дека првин треба да му се верификува мандатот па по тоа да му се одземе. Единствено по закон за локална самоуправа ако три пати одсуствува неоправдано од седница тогаш може да му се одземе мандатот. На овие избори Нефи Усеини беше носител на листа на ДУИ, а во претходниот состав исто така беше член на Советот се додека не се откажа после низата контроверзии поврзани со неговото име. Беше обвинет дека претепал советник во советот, изгради дивоградба кај Чинарот, нападна инспектор, но и неговата фирма доби тендер за рушење на дивоградби.