-Работа и законска обврска на полицијата е да обезбеди заштита на животот на граѓаните, укажување на помош и почитување на основните слободи и права, а не да вршење на кривични дела, прекшоци и полициска бруталност, оцени Здружението на правници Ромите кое што остро реагира и ги осудува барањата на Полицискиот синдикат од Битола за поништување на пресудата од Кривичниот суд во Скопје.
Пресудата на скопскиот суд е за полицаецот Г. П. од Битола кој е осуден на една година затвор. Постапката се водеше во скопскиот суд бидејќи според Законот за јавно обвинителство сите кривични дела и злоупотреби извршени од полицајци и лица со овластувања се процесуираат преку обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
-Донесената пресуда на Кривичниот суд во Скопје е врз основа на обезбедени докази во текот на постапка која што траеше една година. Полицијата како дел од Министерството за внатрешни работи и полицаецот како униформирано службено лице врши работи согласно закон и предходно утврдени законски дејствија, реагира ЗПР.
Исто така, ЗПР го осудува говорот на омраза и етничкото профилирање од страна некои портали во кои експлицитно се наведува етничката припадност на жртвата Н.Јашаровски. Етничкото профилирање во медиумите не е исто што и следење и информирање за настаните затоа што ја вклучува намерата за донесување на одлуки врз основа на етничката припадност.
ЗПР јавно повикува на објективно информирање согласно Етичкиот кодекс на новинари без поттикнување на говор на омраза, дискриминација и меѓуетнички тензии.
Потенцирањето на етничката припадност на жртвата на полициската бруталност во случајот со Јашаровски, според повеќе експерти, всушност алармираше дека постои и потенцијална дискриминација на таа етничка заедница (ромската) од страна на пред се поединци вработени во полицијата.
Синоќа, независниот синдикат на полицијата како и синдикатот на полицијата протестираа во Битола сметајќи дека пресудата треба да биде укината и покрај тоа што жртвата на полициската бруталност извршена од осудениот нивен колега имаше тешки и сериозни повреди, а се гледа и на видео како иако е совладан и лежи на земја, осудениот полицаец наместо да му врзе лисици го клоца и го шутира.
И покрај експлицитното насилничко видео, многу граѓани решија да го бранат осудениот полицаец со намалување на неговата полициска бруталност со наводи дека „удрил неколку шамари“.
За полицаец, исто како и за другите вработени во државната администрација, функционери и избрани и именувани лица важи законското правило дека ако биде осуден на затворска казна подолга од 6 месеци ќе биде отпуштен од работа. Двата полициски синдикати бараа поништување на пресудата и полицаецот да не биде осуден за својата бруталност кон легнатиот Јашаровски и поради причината дека вака потврдена пресуда на Апелациониот суд ќе му донесе отказ на нивниот колега по униформа.
Миомир Серафиновиќ