Еколошкиот активист од Кенија е дел од тимот на Грета Тунберг. Тие изминативе денови одржаа масовни протести во Глазгов, на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26)
Ако не запре исцрпувањето нафта од Северниот Леден Океан на човештвото му се закануваат вируси многу поопасни од ковид-19, вели Кевин Мтаи, еколошки активист од Кенија кој е дел од тимот на Грета Тунберг. Тие изминативе денови одржаа масовни протести во Глазгов, на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (COP26) и собирот на светските лидери посветени на климетските промени го нарекоа неуспех.
Мтаи гостуваше во Утринската програма на телевизија „Телма“ и предупреди дека во неговата земја луѓето умираат поради суша, Европа претрпе големи поплави, планетата е пред колапс, а никој не се грижи за тоа.
– Штотуку се вратив од еден од протестите каде се обидовме да им кажеме на лидерите на индустријата на фосилни горива дека тие не се тука повторно да разговараат. Му ракоплескаа на еден од бизнис-лидерите кој рече дека неговата компанија ќе запре со емисиите на јаглерод на компанијата во 2070 година. Тоа е многу доцна. Нам на младите ни треба акција сега. Ги притискаме што не преземаат чекори сега, имаат многу празни ветувања на Самитот и не нудат решенија. Затоа протестираме секој ден и се обидуваме да им кажеме: „Ве молиме, доста е веќе. Не сакаме повторно празни ветувања“ – вели Мтаи.
Во Глазгов тие не се фокусирани само на протестите. Разговараат со луѓето, се среќаваат со лидери и се обидуваат да ги убедат дека веќе нема време за празни ветувања.
– На самитот често слушавме дека сакаат да постигнат добар договор и иден план кој може да се справи со климатските промени и кризата. Но, додека разговорите траат, ние немаме решение за климатските промени. Уморни сме од нивните празни ветувања. Веќе е предоцна, бидејќи самитот завршува, а тие не постигнаа добро решение – рече Мтаи.
Тој објасни дека ситуацијата во Кенија не е добра. Во регионите во северниот дел луѓето умираат заради сушите. Околу 2 милиона луѓе ќе страдаат заради ефектите од климатската криза. Во делови од Баринго (провинција во Кенија), луѓето мигрираат и ги напуштаат домовите заради поплавите.
– Во Кенија имаме многу последици од климатските промени, а нашите лидери тоа не го сфаќаат сериозно. Следната година ќе имаме избори. Во кампањите најголем дел од нив никогаш не зборуваат за климатските промени како дел од нивните политики или теми за кои се залагаат – вели младиот активист.
Мтаи смета итно мора де се заштити Северното Ледено Море за да не се копа за нафта.
– Знаете дека арктичкиот појас беше како еден вид ќебе за спречување на посилна сончева светлина и спречуваше некои од вирусите кои се под мразот да излезат надвор, а тие се поопасни и од ковид-19. Промените ќе го уништат арктичкиот мраз што ќе го зголеми нивото на водите во океанот, а тоа ќе доведе до поплави и друг вид проблеми. Веќе гледаме дека има високи температури во различни земји. Во Канада имаше многу високи температури, поплави и шумски пожари, кои годинва погодија и дел од Европа. Поплави имаше насекаде, како во Германија, исто и во Обединетото Кралство. Сè повеќе земји страдаат од климатските промени. Затоа треба брзо да се дејствува – вели тој.
Во однос на нашата земја и големата загаденост во градовите, Мтаи вели дека граѓаните треба јасно да им кажат на лидерите да ги заменат фосилните горива со обновлива енергија, како едно од можните решенија на проблемот.
– Многу е важно да се воведе образование за животната средина за учениците од основните и средните училишта за да се запознаат со овие теми. Земјите треба да одат напред и да одлучат да се развиваат со обновливата, зелена енергија, што многу ќе ни помогне. Во текот на пандемијата најголем дел од земјите успеаја да имаат чист воздух и чиста животна средина, поради намалените емисии на јаглерод. Тоа ни покажа дека светот може да ја врати својата нормалност, ако преземеме сериозни чекори од фосилните горива кон обновливата енергија. Тоа многу ќе помогне, не само во вашата земја, туку и во целиот свет – вели активистот.
Целото интервју на Кевин погледнете го на следников линк: