Иницијативата ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД денеска одржа граѓански буџетски форум на кој биле поднесени вкупно 31 предлог, како што велат , за одржлив и праведен развој на градот.
Вкупниот износ потребен за реализација на сите поднесени предлози од четиринаесет активистички групи е некаде околу една милијарда денари, што претставува една седмина од целосниот буџет на Град Скопје, информираат од иницијативата.
Предложено било: инвестирање во фотоволтаична централа; субвенции за фотоволтаични системи; обезбедување енергетска ефикасност на објектите под надлежност на Градот; довршување на Зелениот катастар и конципирање Стратегија за развој на зеленилото во Скопје што ќе послужат како основа за заштита на зеленилото при изработката на претстојниот Генерален урбанистички план на Скопје; локална хипермрежа од мерни станици за аерозагадување; противпожарна станица во Шуто Оризари; воспоставување општински биокомпостари; градска народна кујна; оптимизирање на велоинфраструктурата; изработка на стратешки документ Визија нула; редовен ден без автомобили; примарна селекција на пластика и хартија во домаќинствата; работилница за рециклирање на отпадна пластика; пасивни училишта; стратегии за лица со попреченост и за унапредување на правата на децата; студија за пренамена на напуштениот индустриски комплекс „Купрум“ во студентски град; урбани градини во училишта; субвенции за стерилизација/кастрација на (вдомени) бездомни животни; трансформација на скопската Зоолошка во центар за рехабилитација и конзервација на диви автохтони видови животни; заменување на коњите со еко-превозни средства; куќарки за бездомни животни.
На самиот форум своите предлози ги образложиле Ана Петровска, НаТочак, Хумани градови, ЕдуАктив Орг, Е.Д.Е.Н., Ајде Македонија, Мама Органа, Биди Зелен, Меѓаши, Мој Воздух, Културно Ехо, Ромалитико, Полио плус.
Дискусијата ја модерирал проф. Бранимир Јовановиќ кој имал и свој осврт на предлозите, а на почетокот на форумот свое излагање за справување со енергетската сиромаштија и обезбедување енергетска независност во Македонија имал проф. Стефан Бужаровски од Универзитетот во Манчестер – европски експерт за енергетска сиромаштија.
Во понеделник, 15 ноември, советниците од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, Драгана Велковска и Горјан Јовановски, ќе ги поднесат предлозите за зелено и хумано Скопје и официјално во писмена форма преку архивата на Град Скопје.