Бурната седмица, донесе мирен и стабилен викенд како во временските прогнози. Политичарите зад кулиси нешто прават и договараат некакво политичко решение, но во јавноста не се пласираат никакви информации и одговорите се со ракавици.
Алтернатива требаше да одржи претседателство и да каже што планира- дали да влезе во владата или со опозицијата ќе бара предвремени избори. Но, како што не извести партискиот портпарол Орхан Муртезани викендов нема ниту партиско претседателство ниту преговори во кои е вклучна Алтернатива.
Последните информации до кои дојде Телма дека има преговарачки контакти на партијата на Гаши со СДСМ кои ќе продолжат и утре, без да се прецизира нивото на тие конаткти. Од партијата на Заев во меѓувреме бараат оставка од Мицкоски кој е на чело на друга партија. без конкретен одговор за сопствениот двор и дали и колкаво мнозинство има владата.
И во ВМРО-ДПМНЕ слични неопределени одговори. Тука пак бараат заминување на Заев од државните позиции поради пропустите и скандалите на преживеаната влада. Партискиот централен комитет не е закажан, а отворени се за преговори со сите кои се за пад на актуелната влада предводена од Заев.
Беса излезе од владата, а нивниот претседател Касами денеска не сакаше да одговора за политика на државно ниво затоа што тврди дека е посветен на општината чиј градоначалник стана пред две недели.
По политичките игри минатата недела, во која еден пратеник го „снема“ и се појавуваше виртуелно со опозициски тврдења дека е киднапиран- петокот го заклучи Африм Гаши со изјава дека е отворен за преговори, првин со ВМРО-ДПМНЕ како опозиција и дека главната цел на Алтернатива е влада со евро-атлантски цели.
Миомир Серафиновиќ