28-годишен скопјанец е во притвор откако истрагата утврдила дека тој е осомничен за убиство на својата 75-годишна баба. Мртвата старица во својот дом на улица Никола Малешевски во Чаир лежела повеќе денови, а последен пат била видена минатиот петок, на 5-ти ноември.
Во полицискиот билтен е наведено дека убиството се случило во период меѓу 5-ти и 11-ти ноември без да се прецизира точно време на смртта. Инаку пред два дена кога беше најдено телото на убиената старица, МВР соопшти дека „лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство“.
На увидот е наведено дека не присуствувал обвинител кој потоа наредил обдукција на починатата. Сепак на телото имало траги од насилство врз жената односно била тепана. Тогаш е осомничен внукот чиј притвор е определен од надлежниот судија за претходна постапка.
Еве го извештајот на полицијата од денешниот билтен:
Секторот за внатрешни работи Скопје поднесе кривична пријава против М.М.(28) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“. Тој се сомничи дека во периодот од 05.11. до 11.11.2021 извршил кривично дело убиство врз неговата баба В.Б.(75) во нејзиниот стан на ул.„Никола Малешевски“. Од страна на Судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор.
Но, во претходниот билтен не се спомнуваше насилна смрт:
На 11.11.2021 во 20.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во својот стан на ул. „Никола Малешевски“ во Скопје била пронајдена почината В.Б.(75) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без траги на насилство, а увид извршила екипа од Полициската станица Бит Пазар. По наредба на Јавен обвинител телото било предадено за обдукција.