Жителите на Леуново, Маврово, Никифорово и Маврови Анови најавуваат протести за утре за да кажат стоп на бетонизацијата со дивоградби во ова природно подрачје околу вештачкото езеро, а ќе бараат ревизија и мораториуми на Деталните урбанистички планови.
Тие потенцираат дека и покрај забраните за градба на делот во близина на хотелот Радика, таму продолжува да се гради и тоа е уште една дополнителна причина за протестот.
При обидот да го спречат градењето на еден нелегаен објект и да ги побараат дозволите за градба на увид, жителите и претседателот на месната заедница Леуново тврдат дека биле нападнати односно првиот човек на локалната заедница пријавил во полиција дека багеристот сакал да го прегази по наредба на човек од обезбедувањето на објектите кои треба да се уриваат.
Од полицијата го потврдија инцидентот и соопштија дека го информирале обвинителството за да преземе постапки од нивна надлежност. Претседателот на месната заедница бил повреден откако багерист двапати го туркал со градежната машина.
-На 29 октомври 2021 година во 14 часот и 45 минути В.Л.(61) од гостиварско Леуново во СВР Тетово пријавил дека по претходна вербална расправија за градежна парцела во ова село, на која се изведувале градежни активности, во два наврати бил турнат од работна машина (багер) што ја управувал С.Т. На туркањето му претходело инсистирање од В.Л., во својство на претседател на Месна заедница Леуново, багеристот да покажел градежна дозвола, но лице од обезбедување наводно му кажало на багеристот да го прегази доколку им ја попречува работата. Известен е Јавен обвинител и разговарано е со сите лица инволвирани во случајот, ни одговорија од МВР.
Од друга страна на терен работат багери, покажуваат фотографии испратени до Телма иако пред речиси два месеци е издадено решението за уривање на 9 куќи што наместо да бидат отстранети од инвеститорот, забрзано се градат.
Претходно, Основното јавно обвинителство Гостивар на 5 октомври поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ Радика резорт ДООЕЛ увоз-извоз. А три дена подоцна поднесена е и трета кривична пријава за дивоградбите во Леуново против Ш.Р. (42) од Косово, поради сомневање за сторено кривично дело бесправна градба.