Струмичкото поле се полни со отпаден бетон. Тони бетонска смеса се излева покрај патот во близина на откупно-дистрибутивниот центар, каде се наоѓа огромна површина необработено земјиште. Со оглед на количината, зафатената површина, но и различната стврднатост на смесата, с=најверојатно подолг период се истура на оваа локација.
Ова е само една од стотината диви депонии што никнуваат на периферијата на Струмица и населените места. Од земјоделски до градежен отпад ги затрупуваат овие места.
Струмичкото комунално претпријатие во неколку наврати објавуваше акции за чистење на дивите депонии, но, тие постојано се обновуваат. Струмичкиот градоначалник Костадин Костадинов најавува двосменско работење на комуналните инспектори на општината, бидејќи нивните анализи покажувале дека најмногу се фрла во доцните попладневни и вечерните часови. За пријава на отпад и диви депонии Костадинов дури го остави и својот телефон на социјалните мрежи. Граѓаните полесно да го комуницирале.
На почетокот на оваа година Комуналец исчисти околу 30 депонии кои биле отстранети во 2020. Се претпоставува дека само за неколку месеци се обновуваат истите диви депонии во регионот.
Сузана Мицева