Веќе два месеца нем сведок на трагедијата во која животот го загубија 14 лица е опожарениот објект на модуларната болница во Тетово. Изгорениот инвентар е на истото место, како и на денот по пожарот. Пристапот е ограничен, затоа што се уште се присутни лицата од службата за обезбедување.
Семејствата на загинатите и јавноста чекаат одговори, што се случило вечерта на 8-ми септември и како изгоре болницата за неколку минути.
Одговорност денес побараа од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“.
Во Основното јавно обвинителство во Тетово десега се сослушани дел од сведоците кои биле повикани, но и лица кои сами се пријавиле. Исказ треба да дадат и од менаџментот на болницата. За да одлучат кои ќе бидат следните чекори во постапката, обвинителите ги чекаат најважните вештачења, на германските истражители за пожарот и на Технолошкиот факултет за градбата.
Се очекува во обвинителството да пристигнат извештаите од наредените вештачења, меѓу кои и вештачењето од експертите од Република Германија. Откако ќе се приберат материјалните и вербални докази, обвинителите ќе ги разгледаат и анализираат, ќе биде утврдено дали и каде постои кривична одговорност, по што ќе биде донесена и одлука за натамошниот тек на постапката.
Досега беше објавен само извештајот на МВР, според кој со вештачењето било утврдено дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби.
Данијела Билбилоска