Вести Македонија Најважни

Во четврток ќе се гласа за доверба на владата

Час и половина вечерва премиерот помина во собраниската зграда, откако бил повикан на средба со претседателот на Собранието. Половина час откако влезе, оттаму излезе лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Три часа порано, во Собранието беше и вицепремиерот Артан Груби. За што точно се разговарало на средбите,  не успеавме да дознаеме. Вешто ги избегнаа новинарските екипи. Во кусото соопштение од СДСМ се вели дека Џафери го повикал Заев за лично да го информира за поставеното прашање за доверба на владата и за понатамошните деловнички чекори.

Седницата е закажана во четврток, откако денеска опозицијата го достави во Собранието списокот со 61 пратенички потпис. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат ова мнозинство да се преслика и на седницата што Собранието, па дури и да се зголеми.

Во тек се интензивни разговори и со уште неколку пратеници во македонското Собрание и очекувам дека инцијативата на ВМРО ДПМНЕ за недоверба на владата ќе ја поддржат повеќе од 61 пратеник. И да одговорам на потенцијално неколку прашања кои ќе дојдат после ова. Ние високо ја цениме работата на пратеникот Скендер Реџепи, сметаме дека се работи за чесен човек за наш пријател. Мислам дека неговата изјава беше јасна, и не треба да се вакди од контекст, а тоа е дека тој ќе поддржи недоверба на Владата. Во однос на составување нова влада или евентуални брзи предвремени избори – тоа ќе го разговараме после четврток затоа што треба да седнеме со нашите партнери и да видиме кои се програмските определби на сите политички структурти кои евентуално би сакале да состават нова влада и кои се интересираат за брзи предвремени избори, изјави пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Александар Николовски.

Претседателот на Либералдемократите демантираше дека е можно нивните пратеници да се најдат на овој список. Тврди дека ниту имало, ни ќе има потписи од нив на оваа иницијатива.

И Зијадин Села од Алијанса за Албанците вели дека сега е најважно, владата да не добие доверба, а за останатите несогласувања ќе се разговара понатаму.

Премиерот се двоуми дали да даде оставка или не. Ние како опозиција му помагаме да го натераме за да се одлучи. И тоа ќе почне денеска, за таквата постапка треба 20 пратеници. Ние имаме 61 потпис што е доволно за да падне овој хибриден режим, изјави Села.

Во иницијативата на опозициските пратеници се бара преиспитување на довербата на владата, затоа што сметаат дека, СДСМ и ДУИ владеат со конфликти и не` оддалечуваат од Европската Унија со цел, одбрана на криминалот и на политичките кариери и привилегии кои ги уживаат функционерите на власт. Обвинуваат за „раст на инфлацијата, афери кои се милтиплицираат на дневна основа, а по поразот на изборите се и без кредибилитет и план за решавање на проблемите„.

Доколку во четврток владата не добие доверба,  премиерот мора да си поднесе оставка во рок од 24 часа. Доколку, пак, тој до тогаш ја поднесе оставката,  Собранието е должно само да ја констатира, со што нема да има гласање на доверба на владата.  За утре се закажани и седници на Извршниот и на Централниот одбор на СДСМ, на кои ќе се расправа и за најавените оставки на Заев и на партиската и на државната функција.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Мексиканска инфлуенсерка застрелана во живо додека снимала за мрежата „TикТок“

Дејан Дејан

„Сите за Кочани трчаме“ заедно е слоганот под кој на 25 мај ќе се организираат хуманитарни трки во седум градови во земјава

Дејан Дејан

Бремена Израелка убиена на Западниот Брег

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе