До утре до 14.30 часот Мицкоски ќе чека Заев да поднесе неотповиклива оставка. Потоа ќе ја поднесе иницијативата до собранието за гласање недоверба на владата, по што следат законските рокови. Мицкоски не очекува Заев дека ќе го исполни ветувањето, а тоа го темели како што кажа на „чувства и претходно искуство“.
Ги демантираше објавите дека пратеникот на Алијанса за Албанците, Скендер Реџепи се пожалил на злоупотреба на неговиот потпис и дека ќе го повлече истиот. Мицкоски рече дека неговиот потпис се уште стои на листата од собраното мнозинство. Рече дека од него слушнал сосема поинаква изјава преходно, а тоа било дека оваа корумпирана власт мора да падне.
Ја остава отворена вратата за соработка за секоја партија која смета дека оваа влада работи погрешно и дека е криминална.
Инаку, денешниот прес беше свикан од лидерот на ВМРО ДПМНЕ кој кажа дека имал средба со градоначалниците каде победи партијата, за да им укаже дека треба да не ги занемарат ветувањата дадени на граѓаните, како и тоа да се откажат од користење на службените возила надвор од општината, да не користат сметки за службени ручеци, како и тоа да излезат на терен и да се во комуникација со граѓаните.
Прес конференцијата беше прекината откако на еден од градоначалниците му се слоши и падна во несвест, но брзо потоа му беше помогнато да се освести.