Огнен Чанчаревиќ: Денеска има важен состанок во ENSTO-E (европска мрежа на операторите на системи за пренос на електрична енергија). Една од точките на дневен ред е токму компанијата МЕПСО и превземањето на струјата од европската енергетска мрежа. Што очекувате од тој состанок?
Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО: Денес и утре значи, МЕПСО е ставен на дневен ред, заради дебалансите што ги направивме минатиот месец. Потоа тие имаат право, во зависност од ситуацијата, имаат право да побараат од бордот на директорите наредни чекори за кои тие сметаат дека се соодветни. На нивните предупредувања, ние вративме еден допис во кој што кажуваме дека очекуваме ситуацијата да се подобрува, но тие пак од нивна страна бараат конкретни мерки што ќе се случува со производството и со увозот на електрична енергија. Бараат датуми, да знаеме значи план со кој ќе се знае колку ќе има во мрежата и дали ќе има отстапувања. Проблемот што ги имаме со Европа, тие јасно ни бараат план за производство и тоа: “ќе”, “ќе”, “ќе”, “ќе” едноставно не го прифаќаат и сакаат конкретен план да имаме за производство и во однос на тоа значи, колку ни фалат од количините во мрежата, да ги набавиме на слободен пазар, колку и да чинат, ако сакаме да немаме рестрикции.
Огнен Чанчаревиќ: Добивте ли одговор од ЕСМ, од Регулаторна, за да може да им одговорите во Женева, затоа што и таму очигледно трпението е при крај, после 5 опомени?
Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО: Од ЕСМ се уште не сме добиле одговор. Очекуваме сега со тендерот на јаглен како ќе биде, дали ќе има понуди, дали ќе склучат договори и тие можеби во блиска иднина ќе може да ја кажат точно програмата за производство, по што ние во ENTSO-E би можеле да вратиме дека согласно плановите, се планира да нема отстапувања во мрежата?
Огнен Чанчаревиќ: Какви може да бидат одлуките на ENTSO-E? Што е најдоброто а што најлошото сценарио? И колку тоа би чинело? МЕПСО и државата?
Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО: Најдоброто сценарио е што ние ќе мора овие направени дебаланси сега за неколку дена да ги платиме и дополнително имавме закани дека поради пореметување на фреквенцијата ќе ни фактурирале по милион евра дневно, што ние сега се докажуваме со нив дека не сме направиле такво пореметување и се надеваме дека барем во тој аспект, значи ова второто, по милион евра на ден да не мораме да го платиме кон Европската мрежа. Во секој случај, кон крај на Ноември е планиран состанок на одборот на директорите на ENTSO-E, но сепак да повторам дека ова не е работа за која ќе се одлучува денеска или утре, најбитно е ..
Огнен Чанчаревиќ: Но е сериозен проблем…
Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО: Е сериозен проблем, но најбитно е ние во наредниот период да не правиме отстапувања.
Огнен Чанчаревиќ: Колкави се капацитетите на домашното производство? Дали ние, доколку работи со максимум капацитет, значи Неготино, Осломеј, РЕК-овите и не знам колку се останати во хидроинсталациите, колку можеме ние да покриеме од дневната потрошувачка?
Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО: Па,ние сме зависни од увозот. Не само сега, но и во најдобрите времиња сме биле зависни од увозот.
Огнен Чанчаревиќ: Г-дине Рамадани, треба ли да се прогласи криза?
Куштрим Рамадани, директор на МЕПСО: Јас сметам дека треба да се прогласи енергетска криза. Сега знаеме дека уредбата за прогласување енергетска кризна состојба е усвоена од страна на владата. Моето лично мислење е дека треба да прогласиме енергетска кризна состојба, не дека ќе се менува нешто посебно во снабдувањето, но тука се предвидени некои одредби што би ја олесниле работата на институциите, поточно владата да префрли средства за компаниите како што се МЕПСО и ЕСМ за ублажување на последиците од оваа кризна состојба.