Тричасовната средба на премиерот во оставка со владините коалициони партнери заврши пред малку. Заедничка оценка на сите е дека оставката е избрзана и дека истата треба да биде повлечена. Претходно лидерот на ДУИ, Ахмети обелодени дека имал „тензичен разговор“ со Заев уште доцна синоќа, а вицепремиерот Артан Груби изјави дека денеска тие повторно разговарале. Груби напомена дека ова биле локални избори и дека минатата година го добиле мандатот да ја водат земјата по евроатлантскиот курс.
Ние сметаме дека само оваа влада може да го реши спорот со соседна Софија и да ги отвори пристапните преговори со ЕУ. Исто така само оваа влада ќе може да ги негува меѓуетничките односи, го гарантира Охридскиот рамковен договор, го гарантира Преспанскиот договор и добрососедскиот договор. Не смееме да си дозволиме авантури, како граѓани и како држава во овие кршливи моменти, не само за нашата држава, туку и за целиот регион, изјави Груби.
Дел од коалиционите партнери пак пред почетокот на средбата посочија дека остануваат лојални на владината коалиција и не очекуваат промени.