GAFA е кратенка за 4-те најмоќни и најголеми компании кои преку дигитализација и корона пандемијата успеваат да ги урнат рекордите во профити. Во оваа 4-ка се Гугл, Амазон, Фејсбук и Епл, но всушност ги претставуваат сите огромни мултинационални компании кои успеваат секоја година да обезбедуваат огромни профити.
Причина за ова, меѓу другото е и тоа што многу од овие компании регистрираат седишта во земји, држави и територии во кои данокот е екстремно низок и преку тие држави тие плаќаа ниски даноци иако профитите ги остваруваа низ целиот свет. Праксата ја започнаа големите гиганти на информатичката технологија.
Успешниот рецепт со низок данок платен некаде, а со максимален профит во богатите земји, едноставно не се вклопуваше во даночните и буџетските планови токму на најразвиените држави. Со години се обидуваа да ја закопаат „дупката“ на глобалната економија и на крај успеаја да се договорат.
Историскиот договор е постигнат на самитот на Г20,групата на дваесет најразвиени земји во светот кои успеаја да си стиснат рака и да го почнат процесот за глобалниот данок.
-Денеска, сите претседатели на Г-20 одобрија историски договор за нови меѓународни даночни регулативи, вклучително и минимален меѓународен данок, кој ќе стави крај на конкуренцијата за даночните намалувања кога станува збор за оданочување на компаниите, соопшти Џенет Јелен, министер за финансии на САД- најголемата економија на светот.
Новите правила треба да стапат на сила во 2023 година и официјално ќе бидат потврдени во последната изјава на Г20 во недела, соопштија извори од разговорите во Рим.
Договорот е постигнат на почетокот на октомври од 136 земји, кои што произведуваат повеќе од 90 отсто од светскиот БДП. Покровител е Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Реформата треба да им овозможи на овие земји да заработат дополнителен приход од околу 150 милијарди долари благодарение на овој нов данок, планиран да биде на минимално ниво, но огромен во просторот и пазарот од каде ќе се прибира.
Дел од данокот на доход, според овој договор, мултинационалните компании ќе го плаќаат и во земјата каде што остваруваат профит. Досега тие беа даночни обврзници само во земјата во која се официјално регистрирани. Данокот кој го плаќаа често пати беше нарекуван безобразно низок.
Целта на договорот се најголемите меѓународни корпорации, компании со вкупен светски промет од над 20 милијарди евра, од кои на профит отпаѓаат над 10 проценти од заработената сума. Прагот за глобалниот данок може да се спушти на 10 милијарди промет, по седум години.
За да не се слизнат низ мрежата на богатите државу, планиран е и уште еден дел од реформата, воведување минимална даночна стапка од 15 проценти на добивката на мултинационалните компании. Државите сега ќе можат да наплаќаат данок на компаниите дури и ако веќе платиле пониски даноци во други држави односно ако платиле на едно место 7 % данок, во другата држава каде остваруваат профит ќе доплатат разлика односно 8 %.
Ирска, Унгарија и Естонија беа трите држави од ЕУ кои дозволуваа формирање на седишта на големите корпорации и им наплаќаа минимален данок, но неколку денови пред самитот на Г20 во Рим одлучија да се приклучат на договорот. Со тоа во последен момент му овозможија на ОЕЦД да ги заврши преговорите непосредно пред самитот.
Франција пак сака да го искористи своето претседателство со Европскиот совет од јануари 2022 година за да донесе европска регулатива за минимален данок, за што е потребна едногласна одлука на земјите членки на ЕУ, а најтврд костен беа токму трите земји кои се приклучија на договорот во Рим.
Бизнис заедницата од Г-20 повика да се обезбеди одржување на сегашниот економски раст