Во однос на повлекувањата на електрична енергија од регионалните системи, од Владата напоменуваат дека постојат правила за балансирање кои произлегуваат од Законот за енергетика, што значи дека субјектите кои го предизвикале дисбалансот ќе мораат да ги подмират трошоците за настанатата состојба.
Во нив е јасно утврдено дека операторот на електропреносниот систем им фактурира на учесниците на пазарот на електрична енергија за настанатите отстапувања од најавените физички трансакции, по цени пресметани во согласност со методологијата за пресметка за надоместок за услугите на бaлансирање утврдени во правилата за балансирањето на електроенергетскиот систем. Ова значи дека тие потрошувачи што правеле дисбаланси испорачувајќи помалку струја, ќе треба да ги подмират трошоците за настанатата состојба, соопштуваат од Владата.
Од Владата напоменуваат дека додека трае изборниот период не може да се носат мерки со кои е предвидено финансиски зафаќања од Буџетот и таквите мерки, доколку се усвојат, ќе бидат донесени после изборите.
Ги уверуваме граѓаните, како и стопанствениците, дека државата е, и ќе продолжи да биде партнер со сите засегнати страни за да изнаоѓаме решенија сè со цел зачувување на благосостојбата на граѓаните. Состојбата се следи, се одржуваат редовни состаноци помеѓу сите чинители во енергетскиот сектор со цел изнаоѓање на најоптимални решенија поради проблемот настанат пред се на светските берзи со електрична енергија, соопштуваат од Владата.
Граѓаните нема потреба да стравуваат бидејќи количините на електрична енергија за нив се обезбедени во целост од страна на АД ЕСМ и тоа по цена од 36 евра за мегават час, тврдат од Владата. Во моментот цените се четири до пет пати повисоки од таа цена, и ова е само показател дека Владата направила добра проценка воведувајќи го Универзалниот снабдувач, кој ги штити домаќинствата и малите потрошувачи, напоменуваат од Илинденска.
Според Владата АД ЕСМ моментално ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме за снабдување на домаќинствата.
Со новите насоки, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планира дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што беше и објавен меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на третиот блок во РЕК Битола и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј. Со оваа произведена енергија треба да се зацврсти електро-енергетскиот систем, додека дополнителните количини, односно вишоци, АД ЕСМ ќе ги продаде на слободниот пазар за македонските компании и со тоа ќе оствари приход за компанијата и за државата. Количините на јаглен за Осломеј ќе се обезбедат, додека за количините на јаглен за Битола објавен е нов повик, и се прават сериозни напори преку соработка на политичко ниво со соседните земји да се обезбедат и овие количини на јаглен, соопштуваат од Владата.
Се анализираат и можностите за обезбедување на мазут во најкус можен рок, како би можело и ТЕЦ Неготино да се вклучи и да работи со целосниот капацитет, прв пат по 2009 година.