Поминаа четири дена од кампањата за вториот круг на Локалните избори 2021, а кандидатите за градоначалници и лидерите на поголемите партии полека ги зголемуваат своите активности.
Партиите од владејачката коалиција потврдија дека владиното мнозинство останува стабилно и сплотено и дека ќе ги поддржат нивните кандидатите за градоначалници во вториот круг, а истото го направија и партиите од опозицијата. Вчера официјална средба во Собранието имаа лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијансата за Албанците, Христијан Мицкоски и Зијадин Села, на која ја потврдија заемната поддршка за нивните кандидати во вториот круг. Ден претходно Мицкоски имаше телефонски разговор со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши на кој исто така беше потврдена соработката за вториот круг.
Од опозицискиот табор велат дека работат на ново парламентарно мнозинство кое го најавуваат по вториот круг на изборите, а од владејачкиот табор порачуваат дека актуелното мнозинство е стабилно и дури најавуваат и негово окрупнување.