Три дена по локалните избори, премиерот Заев повика на обединување и гласање за европски интеграции, напредок и подобар живот. Предупредува дека не би можел успешно да води Влада со поглед кон иднината доколку во Скопје и во општините владее национализам, поделби, кичерај и режим склон кон караници со соседите.
Заев тврди дека СДСМ ја примила опомената и казната од гласачите. Партијата пресметува дека 35 илјади нејзини приврзаници останале дома. Ветува редефинирање на комуникацијата и побрзо реагирање на потребите на граѓаните.
Првиот човек на СДСМ е уверен дека владиното мнозинство е стабилно. Се согласува со Горан Милевски од ЛДП дека никој не ги чува гласовите на граѓаните во џеб и нема право да ги пренасочува за кого да гласаат во вториот круг. На своето членство му препорачува да гласа по сопствен избор како во Тетово така и во другите општини. Не стравува од ново парламентарно мнозинство бидејќи, според него, „Мицкоски има проблем да ја одржи опозицијата, а не пак да составува мнозинство“.
Соња Николовска