Економија

ЕСМ ќе го засили ископот на сопствен јаглен

АД ЕСМ ќе го засили ископот на сопствен јаглен согласно максималните капацитети што ги има, но побарувачката на електрична енергија е таква што пресметките покажуваат дека и со количините набавен јаглен исплатливо е да се произведува и продава струја,  денеска изјави генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски.

На прес-конференција во РЕК Битола, Ковачевски истакна дека со високите цени на електричната енергија на берзите, кои ќе се задржат и во следните месеци, па и во текот на следната година, поевтино, но и посигурно е да се набави јаглен и да се произведе електрична енергија, отколку струја да се увезува по енормни цени и да се ризикува дали ќе ја има доволно.

Цените на електричната енергија на регионалните берзи се за трипати зголемени, и од 56 евра за мегават час (MWh) цена што беше до пред неколку месеци, сега цените се движат меѓу 140 и 170 евра за мегават час (MWh) и нема најава дека ќе се намалат. Со нашиот план за ископ на јаглен и производство на електрична енергија, АД ЕСМ има стабилно производство и ги задоволува потребите на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум за снабдување на домаќинствата, по цена значително пониска од пазарната, со цел да не се почувствува ценовен шок кај граѓаните. Но, за разлика од домаќинствата, стопанството, стопанските субјекти, се снабдуваат на слободниот пазар, и со оглед на енормниот пораст на цените на берзите нашето стопанство се соочува со опасност од голем ценовен удар на еден од главните енергенси и ресурси кои ги користи, а тоа е струјата, нагласи Ковачевски.

Согласно насоките од Владата, АД ЕСМ, како гарант и стабилизатор на цената на електричната енергија, планирано е дополнително производство од декември 2021 до април 2022 година, за што АД ЕСМ објави меѓународен јавен повик за набавка на јаглен за работа на трет блок во РЕК Битола, како и за продолжување на работењето на РЕК Осломеј.

Тој информира дека во изминатиот период одредена количина јаглен била набавена од Косово и со тој јаглен се произведувала струја во РЕК Осломеј. Тоа, рече Ковачевски, се покажа како успешен процес во постапката за набавка, транспорт и работата на РЕК Осломеј, и даде поттик да реализираме уште една набавка на јаглен за РЕК Осломеј, но и за РЕК Битола.

Јагленот очекуваме да го добиеме од државите во регионот, објавата завршува следната недела, потоа ќе ги анализираме понудите и доколку тој понуден пакет ги дава резултатите кои што ние ги имаме зацртано во нашиот план и програма, тогаш ќе пристапиме кон набавка на јаглен за производство на електрична енергија, нагласи Ковачевски.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Да се забрза транспортoт на храна кон Косово

Дејан Дејан

ЕСМ на тронот по загуби, МЕПСО зголемува плати и вработува

Дејан Дејан

Дурмиши: Ако има поскапување поголемо од 15 проценти, ќе активираме поригорозни мерки

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе