Бегалците од Кабул во трка со времето, се додека американскиот претседател не одлучи дали ќе го одложи заминувањето на неговите трупи по следниот вторник. Ако американската војска почне да се пакува, француските и британските сојузници ќе мора да ги следат, а без САД мали се шансите до 31-ви август да се евакуираат сите кои чекаат на аеродромот во Кабул. Токму затоа, денеска се одржува итниот онлајн состанок на земјите од Г-7. Франција, Велика Британија, Канада притискаат американскиот претседател Бајден да се согласи за уште некој ден да ги остави неговите војници. Но, сојузниците добија предупредување од Талибанците – 31-ви август не е само краен рок, туку црвената линија – во спротивно ќе има последици. Во обид да го омекнат ставот, директорот на ЦИА се состанал со лидерот на Талибанците , пишува Вашингтон пост повикувајќи се на анонимни извори. Наводно е можно да се продолжи рокот, но од ЦИА за Вашингтон Пост одбиваат да дадат каков било коментар. Но, дека се зависи и од согласноста на талибанците, потврдија и советниците на Бајден.
Во преговори сме со талибанците на дневна база преку политички и безбедносни канали. Нема да одам во детали за овие преговори со цел да ги заштитам истите, кои покриваат широк спектар на проблеми. Се консултираме со талибанците за тоа што во моментов се случува во Кабул, на аеродромот, како да обезбедиме да има полесен премин до аеродромот за американските граѓани, за националностите од трети земји..Ќе ги продолжиме преговорите со нив. Како ќе се продолжи ќе одлучи само претседателот и никој друг, изјави ЏЕЈК САЛИВАН, СОВЕТНИК ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ ВО БЕЛАТА КУЌА
Како се скратува време за евакуација од Кабул, се поголеми се и терористичките закани, но и хаосот на аеродрмот Хамид Карзаи. ОН јавија дека талибанците веќе почнале со егзекуции на неистомислениците. Од светската организација ги поставија и своите црвени линии.
Фундаменталната црвена линија ќе биде начинот на кој талибанците ги третираат жените и девојчињата, и почитувањето на нивните права за слобода, слобода за движење, едукација, само-изразување и вработување, кои се водени од нормите за меѓународните човекови права, предупреди МИШЕЛ БАШЕЛЕ, ВИСОКА КОМЕСАРКА НА ОН ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА
Во земјата снемува и медицинска опрема. СЗО предупреди дека лекови има само за една недела, но се помал е бројот на здравствени работници, откако жените лекари и медицински сестри од страв не доаѓаат на работните места. Илјадници луѓе се уште кампуваат надвор од аеродромот во Кабул, надевајќи се дека ќе заминат. Војниците сведочат дека начинот на кој се одвива евакуацијата е иста како да е војна.
Алиса Шутиноска