Вести Свет Топ вести

Воената база во Катар е исполнета и не прима повеќе бегалци од Авганистан

Хаотичните сцени продолжуваат во Кабул, додека над десет илјади Авганистанци чекаат на аеродромот во надеж дека ќе го напуштат бруталниот режим на талибанците. Но, воената база во Катар повеќе не може да прима луѓе. Достигнат е максимумот за прифаќање на бегалци. Иако ги имаат поминато сите процедури, нервозата станува неиздржлива, посебно за оние кои ја немаат потребната документација за евакуација. Дел од нив се обидоа да ја пробијат оградата и се судрија со британските војници.

Понекогаш успеваме да ја смириме толпата со помош на локалците. Кога ќе видат дека процесот функционира, се смируваат, но кога им станува топло, дехидрираат, се нервираат. Оние кои ги предизвикуваат нервозите најчесто немаат соодветна документација, па знаат дека шансата им е на дофат, вели полковник  ДЕЗ МЕКМАХОН, БРИТАНСКА АРМИЈА

Дека приодите на аеродромот во Кабул се затворени потврди и германското министерство за надворешни. Ситуацијата е тензична и тешка, а во воздухот се слушаат истрели.

Во меѓувреме, во Кабул пристигна талибанскиот водач мула Абдул Гани Барадар. Најави дека за неколку недели ќе се формира новата влада. Се очекува токму тој да биде идниот претседател на Авганистан, со оглед на огромната популарност што ја ужива. Целта на Талибанците е наскоро да соопштат како ќе функционнира новата власт, во чие формирање тврдат дека ќе бидат вклучени експерти од областа на правото, религијата и надворешната политика. Талибанците имаат желба да го претстават своето модерно лице, за разлика од пред 20 години кога владееја според строгите правила на шеријатскиот закон. Но, дека талибанците се сменети, никој не верува. Евакуираните Авганистанци во Италија сведочат дека нивната агресија во изминативе денови воопшто не навестува дека имаат ново лице.

Се надевам дека во Авганистан ситуацијата ќе се смени. Затоа што од она што го видовме во изминатите 3-4 дена, талибанците за жал не се сменети кон народот, кон жените, децата и училиштата – ништо не е сменето. Се обидуваат да покажат дека се променети, но од она што го видов, тоа не е така, вели ЕВАКУИРАН ПОЛИЦИСКИ ОФИЦЕР ОД АВГАНИСТАН

Страв и паника владее меѓу авганистанските новинари. Меѓународната федерација на новинари соопшти дека добиле „стотици барања за помош“ од медиумските работници. Посебно се исплашени жените новинарки, на кои им е забрането да работат или известуваат под закана. Авганистанците се во трка со времето, да избегаат од земјата до 31-ви август – денот кога и официјално ќе се повлече американската војска. Во меѓувреме, евакуираните се сместуваат во бегалските кампови на европските земји. Европа е согласна да помогне, но е претпазлива и исплашена дека со овој хаос ќе се повтори мигранстака криза од 2015-та, кога од сириската војна азил во ЕУ побараа над еден милион бегалци.

Алиса Шутиноска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Судијката Даниела Димовска е в.д. претседателка на Кривичен

Дејан Дејан

Западен Балкан како под вршник, Пиринеите и Англија со најтоплиот јуни досега

Дејан Дејан

Сè уште е на интензивна нега, но состојбата ѝ се подобрува – ФЗО за една од критично повредените пациентки од пожарот во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе