Нема изненадувања по вчерашното гласање на вонредните парламентарни избори во Бугарија. Разликата меѓу водечките партии Граѓани за европски развој на Бугарија на Бојко Борисов и Има таков народ на Слави Трифонов е помала од еден процентен поен. Според податоците на бугарската Централна изборна комисија, од преброени речиси 99 насто од гласовите партијата на шоуменот Трифонов освои 23,91 насто, додека ГЕРБ на доскорешниот премиер Борисов 23,69%. Иако се уште нема јасен победник, Трифонов отффрли било каква можност за коалицирање со било која партија.
Трифонов ги кажа и имињата на идниот владин кабинет. За премиер го предлага Николај Василев кој беше во претходна влада вицепремиер, додека за министер за надворешни работи Роди Најденов, искусен дипломат и поранешен амбасадор во Германија и Австрија.
Ова се втори избори во Бугарија за три месеци, кои ги одбележа послаб одѕив од претходните и кои не донесоа голема разлика во расположението на гласачите.
Овие вонредни избори во Бугарија покажаа дека гласањето кое не донесе убедлив победник, ќе значи поделено собрание кое ќе се бори да формира одржлива влада. Аналитичарите во Софија се едногласни дека вака земјата не може да напредува.
Што се однесува до политиката кон Македонија и бугарското вето во Европската унија, јасно е дека ниту една влада во Софија нема да отстапи од своите национални позиции потврдени и со декларација во тамоштното Собрание.
Марија Дивитарова