Во Уставниот суд се одржа Подготвителна седница за Законот за попис. На седницата во мај, уставните судии изразија дилема дали спроведувањето на попис во услови на пандемија може да го загрози човековото здравје и дали е целосно во согласност со меѓународните стандарди.
Подносителот на иницијативата, Димитар Апасиев, смета дека е невозможно да имаме кризна состојба до декември годинава и да спроведуваме ваква статистичка операција, бидејќи влегувањето на 6 до 8 илјади попишувачи во домовите носи ризик од ширење на вирусот.
Сосема спротивен е ставот на Министерството за правда како предлагач на законот, и на Заводот за статистика како реализатор на пописот. Објаснуваат дека здравјето на граѓаните во никој случај нема да биде загрозено и дека се донесени посебни протоколи за однесување на сите учесници во сите фази од пописот.
Подготвителната седница се организира како помош на судиите во изградувањето мислење. На посебна седница уставните судии ќе расправаат за оваа точка и ќе одлучат дали е потребно да поведат постапка и да го поништат или укинат законот, или ќе констатираат дека тој целосно е во согласност со уставот и може непречено да се спроведува. Пописот беше предвиден за април а потоа одложен за септември годинава.