Шумски пожар речиси целосно го изгоре селото во Канада каде неколку денови по ред беше поставуван рекорд за највисоката температура измерена во Канада. Според информациите на локалните власти, огнената стихија предизвикала огромна штета во Литон, Британска Колумбија, и на околната критична инфраструктура.
Експертите предупредуваат дека климатсктие промени ќе ја зголемат фреквенцијата на екстремните временски непогоди, како топлите бранови.
Во Литон само пред неколку дена, беше измерена температура од 49,6 степени целзиусови, додека неверојатно високи температури беа регистрирани во поголем дел од Северна Америка. Пеколно жешкото време во западна Канада, во провинцијата Британска Колумбија, однесе и 486 човечки животи во 5 дневен период, во кој вообичаено умираат просечно 165 луѓе.
Зголемената смртност е директна последица на екстремните временски услови, тврдат здравствените власти во Канада. Во Британска Колумбија, западната канадска провинција, во минатите 3 до 5 години, имало само 3 смртни случаии поврзани со летни жештини. Најголем дел од жртвите се повозрасни луѓе кои живееле сами во домови без климатизери, затоа што едноставно тие досега не им биле потребни, ниту во летните месеци.
Во меѓувреме, температурите постепено се намалуваат во крабрежниот појас на Канада, но засега нема многу помош за провинциите во внатрешноста. Следни на удар се провинциите Алберта и Саскачеван како и делови од Манитоба.
Жешкиот бран кој го зафати северозападниот регион на американскиот континент беше исклучителен и крајно невообичаен, потврди и НАСА. Минатиот месец, во поголем број градови во Канада и Соединетите држави беа соборени температурните рекорди.
Со помошта на термалниот радиометар на вселенската станица, НАСА објави и мапи кои со мерење на т.н. термална инфрацрвена енергија која ја емитува земјата, најдобро го илустрираат страотниот топлотен бран кој го зафати овој регион.
Никола Илиевски