Свет

Спасувачите се надеваат на чудо во потрагата по преживеани

Спасувачките екипи кои ги пребаруваат урнатините на зградата која падна во Флорида, не се откажуваат од надежта дека ќе пронајдат уште некој преживеан, дури пет денови по уривањето. Модерната опрема за слушање и скенирање покажува дека сѐ уште има воздушни џебови под урнатините, во кои голема е веројатноста да има некој преживеан.

Човекот е неверојатно суштество и може многу долго да преживее во екстремни ситуации. Во вистинскиот простор може сѐ уште да има преживеани, вели директорот на тексашката единица за потрга и спасување во урбани услови, Џеф Сандерс.

Сѐ уште се трага по 151 исчезнат. Потрагата се одвива под исклучително високи температури и влажност на воздухот. Дополнително, работата се запираше неколку пати поради пожари кои избувнуваа во урнатините. Спасувачки тимови пристигнаа од Израел и Мексико и сега потрагата се одвива непрекинато, 24 часа на ден, но од првите часови по уривањето во четвртокот нема пронајдено ниту еден преживеан.

Хуманата димензија е огромна. Несигурноста дека можеби напуштате некој преживеан прерано прекинувајќи ја потрегата, наспроти загриженоста дека со продолжувањето на овој високо ризичен начин на потрага може да дојде до секундарни уривања, или друга несреќа која ќе резултира со повредени или загинати спасувачи, се фактори кои се земаат в предвид при носењето одлука, вели д-р Џозеф Барбера, професор на универзитетот „Џорџ Вашингтон“.

Претставници од повеќе федерални агенции присуствуваат на местото на несреќата, водејќи сметка спасувачките тимови во потрагата да не уништат потенцијални докази во истрагата која неминовно ќе следува.

Причината за уривањето е непозната, но американските медиуми дојдоа до извештаите на инспекторите кои според законот на Флорида, имаат обврска периодично да ја испитуваат зградата. Извештај од 2018 година открил голема грешка во проектирањето, поради која дождовницата не истекувала туку се насобирала кај основата на зградата. Инспекторите исто така забележале и големо структурно оштетување на бетонската платформа на приземјето и напукнување на столбовите и ѕидовите во гаражата. Инспекторите на препознале голем ризик од уривање, но препорачале поправките да бидат направени без поголемо одложување. Исто така, независно истражување спроведено од Меѓународниот универзитет на Флорида, утврдило дека зградата во текот на 90-те години на минатиот век, пропаѓала во земјата по 2 милиметри годишно, што може да има големо структурно влијание, имајќи во предвид дека земјиштето е пресушено мочуриште. Сепак авторите на студијата посочиле на објекти кои пропаѓаат многу повеќе, но сепак стојат неоштетени со децении.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Притисок врз Путин за мир во Украина – пораки од Самитот во Тирана

Дејан Дејан

Трилатерални состаноци наместо преговори во Истанбул – Русија и Украина за првпат на маса по пауза од три години

Дејан Дејан

Рубио: Мирот во Украина зависи од директна средба меѓу Трамп и Путин

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе