Со стомачни тегоби жители на неколку тетовски села побарале лекарска помош во тетовската болница. Првично сомнежот е дека причината е водата за пиење, бидејќи за време на викендот се појавил дефект во водоводната мрежа во општина Брвеница. Центарот за јавно здравје со препорака водата да не се пие до добивање конечни резултати за нејзина исправност.
Жители на неколку тетовски села се пожалиле на стомачни тегоби. Од Инфективното одделение при тетовската болница потврдија дека ноќеска и утрово биле примени пациенти со симптоми на повраќање и дијареа, а неколку деца биле хоспитализирани на детското одделение. Најголемиот број се од Брвеница, а неколкумина од Фалише и Сараќино. Брвенчани се сомневаат дека причина е водата за пиење.
Од Општинското јавно комунално претпријатие „Вардар“ од Брвеница случајот го пријавиле во Центарот за јавно здравје Тетово, чии тимови зеле мостри од водата за пиење и по нивната анализа ќе се знае причината. Сомнежот е поради дефект кој се случил во водоводната мрежа.
До добивање на конечните резултати од Центарот за јавно здравје препорачуваат водата во овие населени места да не се користи за пиење, односно да се користи флаширана или превриена.
Данијела Билбилоска