Работењето на Јавното претпријатие „Русино Полог“, кое треба да управува со отпадот во полошкиот регион сè уште е закочено. Од вкупно 9, само две општини го уплатиле оснивачкиот влог, иако договорениот краен рок беше 15 јуни.
Јавното претпријатие кое треба да ги преземе ингеренциите за менаџирање со Русино, како регионална депонија за Полог, останува со врзани раце. Од вкупно девет полошки општини, само две го подмириле оснивачкиот влог кој е задолжителен и неопходен за претпријатието да може да обезбеди канцеларии, вработувања и услови за работа.
За да профункционира претпријатието, кое беше официјално формирано во декември лани на сметка треба да легнат околу 20 илјади евра од полошките општини, а била побарана помош и ресорното Министерство.
Единственото оптимистичко во ситуацијата со Русино се гледа во итните мерки за санација, кои течат на терен според предвиденото и се очекува да завршат при крајот на август.
Данијела Билбилоска