Македонија

Протоколарни изјави на поддршка за Македонија пред Советот за општи работи на ЕУ

Помалку од 24 часа ја делат земјава од одлуката на Советот за општи работи дали ќе ги почне или не преговорите со Европската унија за членство.

По последните пораки од Софија, кои стигнаа во очи на одржување на состанокот, речиси е извесно дека Македонија ќе го чека октомврискиот состанок на Унијата за евентуално зелено светло.

Сепак темата проширување и процесот за стабилизација и асоцијација се први на нацрт-агендата на утрешниот министерски состанок во Луксембург, а стартот на преговорите со Македонија очекувано е да биде жешката тема за министрите, пред се поради тоа што зголемениот притисок од речиси сите членки изминатиов период ова прашање да се затвори, не ја премисли Бугарија.

Во земјава пак по посетата на премиерот Зоран Заев на Софија во четвртокот и напуштањето на оптимизмот дека 22 јуни ќе биде датум за паметење, пораките кои се испраќаат се повеќе протоколарни.

Една таква стигна од евроамбасадорот, Дејвид Гир, кој рече дека ЕУ ги цени напорите да се решат нерешените прашања меѓу Македонија и Бугарија и оти сите во Унијата посветено работат на изнаоѓање на решение што ќе ги отвори преговорите со Македонија.

„Тоа е навистина важно и нешто кон што повикуваме што се однесува до отворањето на самите преговори. Тука можам да го повторам она што го кажува лидерството на ЕУ – се надеваме дека преговорите ќе се отворат што е можно побрзо“, рече Гир.

Гир беше умерен и во коментарот околу изјавите на бугарските политичари и европратеник од Бугарија дека Македонија е бугарска.

„Не сакам да коментирам за тоа, не е тоа во мојата пракса, но важно е да се воздржуваме секогаш кога станува збор за добрососедски односи, тие се навистина важни и затоа политиачрите мора да се воздржуваат во таа насока“, изјави Гир

Протоколарна беше и денешната средба на премиерот Заев со португалската амбасадорка во земјава, ако се цени според лиферуваното соопштение. Во него се наведува дека Португалија и португалското претседателство со ЕУ изразиле силна поддршка за европерспективите на земјава, особено на нејзините политики за изнаоѓање на решенија.

„Тоа, како што е констатирано, е случај со развојот на добрососедските односи со Грција и Бугарија, но и со сработеното во реформските процеси на домашен план, поради што, Португалија, како земја којашто претседава со Советот на ЕУ, цени дека РС Македонија треба да биде дел од семејството на ЕУ“, стои во соопштението од средбата.

Притоа на амбасадароката Марија Виржиња Пина и била изразена благодарност за поддршката и предлогот од Португалија кој македонската страна го цени како добра основа во развивањето на односите со Бугарија.

Но протоколарните изјави и изрази на благодарност околу португалскиот предлог уште повеќе го потенцираат молкот околу конкретен предлог за решение кое Заев и го доставила на Софија во четвртокот, а за кој до денес, барем официјално, Бугарија се нема изјаснето и за кој молчат и двете страни, што точно содржи.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Прво закон за Судски, па кандидат од Вила водно

Дејан Дејан

Мицкоски и Сиљановска со критики за случувањата во ЕП

Дејан Дејан

Телма во Чучер Сандево: Со пожарникарите и жителите ги бранат куќите и манастирите од пожарот

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе