Еден од најпознатите носители на лажни македонски пасоши, Турчинот Седат Пекер бил однесен на полициски распит во Дубаи, каде во моментот се наоѓа. Пекер за турските медиуми негираше дека бил уапсен и тврди дека со полицијата во Емирати разговарале само за обвинувањата од турската влада кон него, за што нема издадено потерница на Интерпол.
Потоа Пекер бил пуштен, а тој тврди дека полицијата во Дубаи му кажала дека има информации за подготвување на атентати врз него. Пекер кој е голем противник на владата на Ердоган до јануари беше во Македонија, а со туѓ матичен број извади и македонски пасош на име Џадин Амедовски. Иако самиот тој и неговиот адвокат негираа дека има македонски пасош, името на Пекер го има и во обвинението за случајот Двојник во кој беа откриени 215 издадени пасоши со укарден идентитет. Освен службениците во управните служби на МВР, истрагата која продолжи досега не откри одговорност во повисоките структури на МВР.
Претходно во април во Дубаи (во периодот кога беше реализирана акцијата Двојник) беше уапсен и британскиот државјанин Мајкл Пол Муген којисто така има лажен македонски пасош со име Васил Јован изваден во септември 2020-та во Скопје. Муген до апсењето беше на листата најбарани криминалци во Британија. Лажниот македонски пасош не бил употребен до пишување на обвинението за случајот Двојник (а тој е уапсен претходно во Дубаи).
Меѓу 215 пасоши, лажни македонски патни исправи со украден идентитет добија и нарко-трговци од Бразил, Црна Гора, Албанија, Србија и Косово.
Миомир Серафиновиќ