Иако речиси и да нема плажи, а водата во езерото е сѐ уште под асполутниот минимум, сепак Преспа ги пречека првите туристи за годинава, пред се домашни викнед гости. Поради намалениот водостој некои плажи се обраснати во вегетација, трска и трева, па речиси е невозможно да се влезе во вода. Но гостите велат дека доаѓаат повеќе за прошетки во природа и чист воздух, отколку за пливање.
Само дома сме , децата сакаат малку и во вода. Езерото е повлечено не е за капење, меѓутоа за рекреација е добро, велат туристите.
Водостојот на Преспанското езеро е пет метри под нултата кота. Иако со топењето на снегот и пролетните дождови се надополнија дел од драматичните загуби на вода, па нивото порасна за околу 40 цм, сепак и натаму е под апсолутниот минимум. Во обид колку-толку да се спаси сезоната, општина Ресен отпочна голема еколошка акција за чистење, но и уредување на плажите.
Со сегашната состојба на водостојот на Преспанското езеро, можам да направам една паралела дека полоша состојба со водостојот имавме во февруари 2020 година, сега состојбата е подобрена. Целта ни е да овозможиме пристап до почиста вода и почисти плажи за сите наши гости. Се надеваме дека ќе ја постигнеме целта“, рече Ајман Ал Маала, раководителот на Секторот за животна средина од Општина Ресен.
Од утре со механизација ќе се уредуваат плажите на западниот брег, Стење и Коњско, потоа во наредните денови и плажите во Претор и Сливница, а ќе се подига и отпадот од дивите депонии во овие туристички места. Предвидено е со оваа акција да бидат исчитени и уредени 1 километар плажи, поголемиот дел од средствата се од општинскиот буџет, а партнери во акцијата се невладините органзиации и бизнис секторот.
Емилија Мисирлиевска