„Лицемерие кон Бугарија.“ Вака првиот човек на бугарскиот тим во Комисијата за историски прашања со Македонија, Ангел Димитров, ја оцени политиката на европските држави околу бугарската блокада кон Македонија. Димитров во интервју за бугарското радио БНР дури и директно го прозва францускиот претседател Емануел Макрон за ваков некоректен однос кон Бугарија.
Земјите кои пред една година – две беа категорично против ширењето на ЕУ, претседателот Макрон беше меѓу тие политичари, сега насочуваат прекори дека Бугарија го забавува процесот на проширувањето. Упатените добро знаат кои од земјите се многу активни во тој однос и не размислуваат за реално проширување, токму поради една конјуктурна политичка позиција на „добриот чичко“ кој ја пружа раката и повторно и мавта со показалецот на Бугарија, вели Димитров.
Историчарот Димитров кој има и дипломатско минато, во интервју дава и политички оцени околу пристапувањето на Македонија и политиката која ја води ЕУ, при што вели дека гледа нелогични пукнатини во политичкото однесување кон бугарската позиција и интеграцијата на на Северна Македонија и Албанија.
Најнелогичното е токму тоа што се подразбира дека е автоматска промената на ставовите на Северна Македонија со започнување на процесот, без да бидат дадени никакви гаранции дека ќе има такви промени, вели Димитров.
Димитров оди и чекор понатаму во политичките коментари како копретседавач со мешовитата бугарско-македонска историска комисија велејќи дека тоа што се случило пред две години не е некаков пресврт во односот на Бугарија, туку само однесување според европските критериуми за Македонија побрзо да ги почне преговорите.
Бугарската позиција е совршено јасна и ако некој затвора очи пред тоа значи дека е некоректен кон Бугарија и има извесно лицемерие во случајот… Не е Бугарија таа која ги сопира, тие самите се сопираат, но продолжуваат да живеат со една многу срамна идеа, да направат од своето проблематично минато аргумент за светла иднината при што фактички тврдат дека се нови, а всушност не се смениле, изјави Димитров.
Иако замислата за Комисијата за историја е таа независно од политиката да дојде до решенија за дискутабилните историски периоди и личности, политичките изјавите кои ги дава првиот човек на Комисијата од Бугарска страна укажува дека тоа е само на хартија.
Комисијата за историски прашања во петокот ја имаше својата последна средба која заврши без успех и без поместување во ставовите на двете страни, за што Димитров ја обвини македонската страна , велејќи дека таа не сакала да води конкретни разговори, за конкретни теми и со конкретни аргументи.
Следната средба на Комисијата за историски прашања е закажана за средината на октомври.
Тамара Грнчароска