51 годишен пациент со голема срцева слабост и ниту кандидат за да добие механичко срце – е човекот кому му е трансплантирано срцето на 44 годишната жена донор. Единствен негов спас бил трансплантацијата. И не само неговиот живот што добива нова шанса, туку и двата бубрега значат подобар живот на двајца други пациенти приматели.
Хуманоста на семејството на жената кај која доцна синоќа била дијагностицирана мозочна смрт повторно ги собра лекарите до доцна во ноќта и раните утрински часови, да ја довршат до крај оваа хумана мисија.
Дел од блиските на починатите донори живее во други пациенти и семејствата треба да се горди, рекоа двајцата доктори кои беа дел од оваа сложена операција. Доктор Маја Мојсова – Мијовска и кардиохирургот доктор Сашко Јовев сложно кажаа дека се среќни што кај народот е зголемена свеста за органодарителството, но тоа е комплициран процес затоа што нема голем избор на донори бидејќи проблематична е компатибилноста на органи.
Доктор Јовев вели дека се уште е во критична фаза пациентот кој доби срце и дека неговата состојба мора да се следи во следните неколку дена.
Ова е четврта трансплантација на срце за една година – бројќа со која здравствените лица во земјава се задоволни. Велат дека тимот продолжува понатаму и се надеваат дека во наредниот период ќе може да се прави и трансплантација на црн дроб.
Во однос на четворицата пациенти на коишто им беше трансплантирано срце – двајца се чувствуваат перфектно, едниот е многу подобар отколку што бил претходно, а најновиот – четвртиот е на интензивна нега, а оптимизмот е голем бидејќи рано утрово и кај него почна да чука срцето од починат донор.
Петар Догов