Претседателот на бугарската страна од историската комисија, вчерашниот и денешниот состанок, го оцени како залудно потрошено време, откако претходно ги обвини македонските колеги дека немаат волја за постигнување напредок.
И самите знаете дека еден таков пристап во основа е само отсликување на недостатокот на волја за било каква промена во интерпретацијата на минатото, да остане така како што влегло во учебниците во Република Северна Македонија. Пред се тоа е карактеристично за историографијата во нашата соседна држава, изјави тој по завршувањето на средбата.
Димитров исто така обвини дека македонската страна се обидела да врати на маса прашања кои биле решени уште на третата средба, прашања кои се однесувале на Глигор Прличев. Покрај тоа, Димитров тврди дека на претходната средба се договориле и двете страни да направат по еден примерок за тоа како би изгледала една лекција, но македонската страна и тој договор не го почитувала.
На наше големо изненадување, речиси два месеци по таа средба, нашите колеги предложија нешто што не беше само неочекувано, туку и потполно непознато на природата на работата на оваа комисија. Една теоретска рамка, според која се ирационализира правото на секој, еден историски настан да го толкува како што сака, обвини Димитров.
Тој соопшти дека комисијата одлучила летото да нема средби, бидејќи некои од македонските членови имале други ангажмани и работни обврски, и следниот состанок ќе се се одржи на 15 октомври.