Сите прашања кои се однесуваат на пресудите во врска со Бугарија треба да се дискутираат на ниво на Совет на Европа и таму да се одлучува. Ова е ставот на Министерот за правда Бојан Маричиќ по одлуката на Комитетот на министри, Бугарија да ги регистрира здруженијата на Македонците.
Секоја држава треба да ги почитува одлуките на Советот на Европа, но тие не секогаш се спроведуваат со еднаква динамика, вели Маричиќ. Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска смета дека на потег е Бугарија која мора во пракса да ја спроведе одлуката.
Комитетот на министрите донесе одлука за спроведување на пресудите во предметите на ОМО „Илинден“ и други против Бугарија изразувајќи загриженост што повеќе од 15 години им се одбива регистрацијата на задруженијата кои имаат за цел да добијат признавање на македонското малцинство. Комитетот бара од бугарските власти да обезбедат информации за овие прашања до 1 декември 2021 година.
Здруженијата биле неоправдано одбиени да се регистрираат во периодот од 1999 до 2015 година а како причини биле наведени националната безбедност, заштита на јавниот ред, уставна забрана за здруженија кои извршуваат политички цели. Претставниците на 47-те земји членки на Советот на Европа им препорачуваат на софиските власти да осигурат дека секое ново барање за регистрација на здруженија ќе биде разгледано во целосна согласност со членот 11 од Конвенцијата и ќе има напредок во извршувањето на овие случаи.
Јулијана Пешевска