Сите лица и субјекти кои го попречуваат Преспанскиот или Охридскиот договор или пак претставуваат закана за неговото спроведување ќе бидат ставени на црната листа на САД што подразбира забрана за влез во државата и замрзнување на имотот и средствата кои се наоѓаат на територијата на оваа држава. Ова го предвидува извршната наредба која вчеравечер ја потпиша американскиот претседател Џо Бајден која се однесува на Западниот Балкан.
„Лица кои, се одговорни или се вклучени, директно или индиректно, во нарушување или во активност што го попречува или е закана за имплементацијата на кој било регионален безбедносен, мировен или договор за соработка или рамковен договор поврзан со Западен Балкан, вклучувајќи ги Договорот од Преспа, Охридскиот рамковен договор, Резолуцијата 1244 на ОН, Дејтонскиот договор, Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија или во однос на поранешна Југославија, Меѓународниот механизам за кривични трибунали“
Во извршната наредба посебно внимание се обраќа на борбата против корупцијата во државите од Западен Балкан а ставот на Белата Куќа е дека нема толеранција за корупцијата и дека и ќе се санкционира на ист начин како политичкото дестабилизирање.
За државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, корупцијата директно ги загрозува надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на САД и нивните партнери и сојузници.
„САД сметаат дека корупцијата ја загрозува економската рамноправност, глобалните напори против сиромаштијата и развојот и самата демократија. Корупцијата предизвикува директна штета на надворешната политика, националната безбедност и економското здравје на САД и на нашите сојузници и партнери. Затоа сме решени да промовираме одговорност и да се бориме против неказнивоста на оние што се вклучени во значителна корупција на Западен Балкан и светот“
Покрај тоа, на црната листа на САД ќе бидат ставени и лица кои се одговорни за сериозно прекршување на човечките права и слободи.
Имплементирањето на наредбата ќе го врши државниот секретар Блинкен додека замрзнувањето на имотот ќе го спроведува Министерството за финансии во соработка со Стејт депратментот
Западниот Балкан е високо на агендата на администрацијата на претседателот Бајден а доказ за тоа е што ова е трета извршна одлука која се однесува на регионот. Со претхопдните две на црна листа се ставени неколку бугарски бизнисмени блиски до екс премиерот Бојко Борисов како и поранешниот албански премиер Сали Бериша.
Огнен Чанчаревиќ