Промените на изборниот модел влијаат врз бројот на мандати во Собранието, покажува истражувањето на Националниот демократски институт преку Програмата за поддршка на Парламентот. Анализата е е правена врз основа на резултатите од последните парламентарни избори. Доколку во 2020-та имавме една изборна единица, СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и Алијанса ќе имаа по еден пратеник помалку, Левица ќе имаше 5 а Интегра ќе станеше парламентарна партија. Доколку имаше изборен праг од 5 одсто, Левица и ДПА немаше да имаат пратеници, зашто мандатите ќе преминеа кај поголемите партии. Доколку се гласаше според мнозински модел, ќе имавме друга власт и само четири парламентарни партии бидејќи СДСМ ќе изгубеше два мандати, а Алијанса три, додека ВМРО ДПМНЕ ќе добиеше 5 а ДУИ 3 мандати плус.
Овие симулации потврдуваат зошто дел од партиите се заинтересирани за промена на изборниот модел. Работната група се уште разговара на оваа тема.
Истражувањата покажуваат дека граѓаните често пати се чувствуваат занемарени од пратениците што ги избрале. Само 17 одсто испитаници сметаат дека пратениците ги застапуваат нивните интереси, а над 70 одсто веруваат дека си работат за себе и за партијата. 6 од 10 анкетирани веруваат дека се прекумерно зависни од партиските лидери.
Анкетата на Социетас Цивилис е спроведена во март на репрезентативен примерок од 1010 испитаници и маргина на грешка од плус/минус 3 одсто.
Соња Николовска