Вести Македонија Најважни

Владата се уште не ги објавува бензинските пумпи кои продаваат лоши деривати на граѓаните- за мазутот има нерегуларности во Супер-трејд, РКМ, Евро-тим, Блу технолоџи, Пертинакс, Санс од Штип, К-оил и Ли-оил

До завршување на сите законски допуштени вештачења, владата нема да ги објави бензинските пумпи кај кои веќе нашла дека продаваат неквалитетни горива. Од друга страна на долго очекуваната прес конференција беа објавени имињата на 8-те фирми РКМ, Евро-тим, Супер трејд,  Блу технолоџи, Пертинакс. Санс, К-оил и Ли-оил кај кои се откриени или штетни мазути или непочитување на правилникот. Увозот и незаконското производство цветале со години, но тринеделните контроли досега не најдоа одговорен државен службеник или функционер за големите пропусти. Извештајот е предаден на обвинителството. 

Вкупно 8 фирми увезувале неквалитетен мазут или немале доволно залихи или пак продавале мазут без лиценци. Од друга страна иако на неколку бензински пумпи е утврдено дека точат и продаваат неквалитетни деривати, владиниот контролен тим не ги информираше граѓаните од кои бензини да се пазат, затоа што фирмите имаат право на второ и на трето супер-вештачење.

-Ние мора да го почитуваме законот и на тие фирми им е дозволено да направат втора анализа, како и право на супер-вештачење и поради тоа после завршување на тие постапки ние ќе информираме целосно. Инаку извршена е контрола на вкупно 7 бензински пумпи (синџири на бензински пумпи), одговори министерот за економија Бектеши.

За разлика од бензинските пумпи, Бектеши ги објави имиња на сите фирми кои не го почитувале соодветниот правилник или пак увезувале, произведувале или продавале несоодветни и штетни за здравјето и околината, мазути.

-Кај 5 цистерни на мазут на компанијата „Супертрејд“ утврдено е отстапување од правилникот за квалитет на течни горива, во делот на поголем процент на вода од дозволеното. Петте цистерни се вратени кај добавувачот. Дополнително кај оваа компанија е направен дополнителн инспекциски надзор, земени се три мостри кои биле во согласност со правилникот. Кај компанијата „Евро-тим“ утврдени се отстапки од граничните вредности за мазуто согласно правилникот во две цистерни кои се вратени кај добавувачот. Дополнително земени се мостри и од складиштето на „Евро-тим“ за што анализите ќе бидат готови во текот на денешниот ден.  Државниот пазарен инспекторат на оваа компанија и изрече времена мерка за забрана за тргување со мазут, истакна министерот Крешник Бектеши.

Бектеши ги прочита и другите фирми кои згрешиле со мазутот. За РКМ е утврдено дека увезувала мазут кој го пријавувала како друг продукт за да не плати акцизи, а две фирми на опасен начин и без лиценци произведувале неквалитетен и опасен мазут.

-Компанијата „Блу Технолоџи“, продавала мазут ППД којшто не е деклариран во Правилникот за течни горива и на оваа компанија ѝ е изречено решение за привремена забрана и пуштање во промет на пронајдениот производ. Кај компанијата „Санс АГ“ од Штип утврдено е производство на мазут од отпадни гуми и на неа ѝ е изречена забрана за работа и поднесено е барање за одземање на Б интегрираната дозвола, изјави Бектеши.

Најмногу прекршувања имало поради несоодветно складирање на законски предвидена количина на мазут и неправилно сметководство. Откриена е и една кавадеречка фирма (К-оил) која продавала, а немала лиценца.

-Прекршочни казни се изречени против седум компании и тоа РКМ ДООЕЛ, Супертрејд, Евротим, Пертинакс-Скопје, Ли-оил ДБ Кавадарци, Блу технолоџи и Ка-оил Енерџи Кавадарци, која вршела трговија на мазут без лиценца од Регулаторната комисија за енергетика., извести Бектеши.

Целиот извештај е предаден на јавното обвинителство кое треба да бара кривични дела меѓу откриените фирми. Досега не е откриен или осомничен за пропусти државен службеник или функционер кој овозможил незаконско и ризично работење на фирмите кај кои со еден вонреден надозр се откриени многу незаконитости.

Вицепремиерот Љупчо Николовски, кој го водеше владиниот тим за контрола и надзор рече дека активностите ќе продолжат и кон државниот апарат, а досега се утврдени системски слабости кои ќе се исправаат со измена на законската регулатива.

Извештајот беше правен три недели, а алармот го запалија новинарски истражувања иако и претходно имаше голем број известувања во јавноста за големи еколошки ризици кои носат неквалитетните мазути и бензини.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Сенатот го усвои „големиот прекрасен закон“ на Трамп

Дејан Дејан

Топлотен бран ширум Европа – повеќе земји бележат рекордни температури за овој период од годината

Дејан Дејан

Изборниот законик пример за различни предизвици во реформската агенда

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе