Кров кој протекува од секој кородиран дел, вода која при секој дожд капе на подот и по ѕидовите и прави влага, извадени теписони за да не се шири смрад од трулежот. Ваква е сликата од малата читална во НУБ, деновиве. Студентите кои учат таму и другите корисници бараат итно решавање на пролемот и стандардни услови за престој.
Реконструкцијата на кровот за која бил спроведен тендер и доделени сретства во 2016 година не била спроведена заради промена на власта, велат вработените.
Идната година се навршуваат точно 50 години од како е пуштена во употреба зградата на НУБ.Во нејзиното обновување не е вложувано од 1990 години на минатиот век, велат вработените. За тоа сведочи и затворањето на големата читална , поради проблеми со протекувањето на кровот.
Но, коровот не е единствен проблем. Не работи таблата со електроника за лентата за пренос на книгите од депоата до пунктот за издавање, горе. Не е во функција ни лифтот, па вработените сами ги качуваат книгите. Новите магацини се претрупани со книги од капиталните проекти од претходната власт , па нема место за обработените книги и материјали. Од тие причини и канцелариите се претрупани. Во старата зграда не работи системот за ладење, а во новиот објект за дигитализација – системот за ладење и греење.
Директорот кадар на ДПА, кој од ноември 2018 години раководи со НУБ, вели дека секоја година барал сретства од Министерството за култура, но не добивал.
Од Министерството за култура потврдуваат дека за 2018 година на НУБ и биле доделени сретства за адаптација на просторија во висина од над 274 илјади денари, кои биле реализирани. Но, за 2019 и 2020 не биле спроведени конкурси за инвестирање во обнова и санација на објекти, а за годинава и покрај побараните сретства од библиотеката , проектите не поминале на конкурсот заради погрешна и некомплетна документација. Од Министерството минатиот месец била спроведена контрола и биле констатирани повеќе слабости во работењето. А, биле извршени и два инспекциски надзори за спроведување на законите за култура и за библиотеки, и по завршувањето на постапките јавноста ќе биде информирана, додаваат од Министерството за култура.
Сотир Трајков