Македонската фудбалска со голема самодоверба тргнува на Европското првенство откако денеска го декласираше Казахстан во пријателски натпревар со убедливи 4-0.
Избраниците на селекторот Игор Ангеловски одиграа доминантен натпревар на кој дел од својот талент покажаа и младите фудбалери, како Милан Ристовски и Дарко Чурлинов, кои ги постигнаа своите дебитантски голови во сениорската репрезентација.
Езгјан Алиоски го отвори резултатот во 35-тата минута од пенал, откако претходно Елиф Елмас го изнуди ударот од белата точка. Во финишот на првото полувреме гостите останаа со играч помалку откако Мужиков направи брутален старт врз Кире Ристевски, а судијата Милован Милачиќ немаше друг избор освен да му покаже црвен картон.
Во вториот дел, Иван Тричковски зголеми на 2-0 во 57-та минута по асистенција на Тихомир Костадинов. Милан Ристовски со глава зголеми на 3-0 во 74.минута и го постигна својот дебитантски гол во сениорската репрезентација. Само две минути подоцна и Чурлинов го постигна својот прв гол во националниот тим.
Репрезентацијата во вторник заминува во Букурешт во вторник (8 јуни), а првиот натпревар на континенталниот турнир во рамки на групата Ц го играме на 13 јуни со Австрија.