Гордост, но и голема одговорност е да се зборува за врвна програма во време на пандемија , кога секој настан ќе се реализира по строго утврдени протоколи, рече директорката на фестивалот Охридско лето, најавувајќи ја програмата за 61 фестивалско издание. Годинава фестивалот се отвора со посвета на творештвото на големиот руски композитор, Петар Илич Чајковски. Отворањето на 12 јули, ќе биде со настап на нашата Национална опера и балет, која ќе ја изведе балетската трилогија, составена од делата „ Лебедово езеро“, „ Оревокршачка“ и „ Заспаната убавица“, како и извадоци од балетот „ Ана Каренина“ и операта „ Евгениј Онегин“.
Станува збор за грандиозен проект , со над 90 уметници на сцената на Античкиот театар, балетските првенци, солисти , ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет, под диригентската палка на маестра Бисера Чадловска, рече директорката на фестивалот Наташа Поповиќ.
Саксофонистот Стојан Димов, контрабасистот Ѓорги Цинциевски, пијанистот Дарко Костовски, како и нашата Хајди Елзесер, во пијано дуо со Ненад Лечиќ од Србија, се дел од домашните уметници со светска репутација кои ќе настапат во музичката програма. А , меѓу истакнатите странски имиња се пијанистите Александар Штаркман од Русија, Ѓулсин Онај од Турција, квартетот Вихан од Чешка, како и Ирина Графенауер на флејта и Мате Бекавац, на кларинет, од Словенија, кои ќе настапат во рамките на „ Вечерта на Европската унија“.
И покрај специфичната состојба и сите пропратни ризици, јас ја правев програмата , следејќи ја мојата единствена цел и должност кон уметноста, како и мојот професионализам, односно да се задржи и подигне уште повеќе квалитетот на фестивалот, вели Даница Стојанова, селектор на музичката програма.
На роденденот на фестивалот, на 4 август ќе се одржи хуманитарен концерт, со настап на нашиот ансамбал „ Танец“ и хрватскиот „ Ладо“. А, претстави во изведба на МНТ, Битолскиот, театарот од Охрид и премиера на претставата „ Грдиот“ на театарот Комедија , го чинат домашниот дел од драмската програма, зад која стои како селектор, режисерот Александар Поповски. А, од регионот доаѓаат Српско народно позориште од Нови Сад и ЈДП од Белград, чија изведба „ На отворено море“, од Нушиќ, на сцената на Долни Сарај, го затвора фестивалот Охридско лето.
Сотир Трајков