Уапсениот белоруски опозициски активист Роман Проташевич повторно се појави на државната телевизија, каде уште еднаш призна дека организирал големи нарушувања обидувајќи се да го симне од власт легитимно избраниот претседател Александар Лукашенко. Но, родителите на 26 годишниот Проташевич, кои живеат во Полска, обвинија дека признанијата се изнудени со присила и дека била видлива употребата на козметички средства за да се прикријат модринките по неговото лице.
„Оваа пракса е активно употребувана од белоруските безбедносни органи. Социјални активнисти од различни профили во Минск, регионите, па дури и помалку познати, се апсат, тепаат, заплашуваат и се присилени да дадат изјави, каде признаваат нешто што не направиле.“, вели Алекс Биалијатски – Лидер на организацијата за човекови права „Вјасна“.
Ова беше трето појавување на Проташевич на белоруската државна телевизија. Овој пат тој рече дека бил жесток критичар на Лукашенко, но сфатил дека претседателот го прави најдоброто за Белорусија и дека започнал да го почитува поради тоа. Неговите соработници, исто како и родителите, на видеото забележаа модрици на лицето и рацете, кои докажуваат дека Проташевич бил изложен на насилство во притвор.
„Не е важно тоа што го зборува, важно е како изгледа. На првото видео беше видливо дека бил тепан, имаше модринки на лицето, модринка на вратот. Изгледаше прилично исплашено, и видливо беше дека го зборува тоа што му било предложено да го каже. Јасно беше дека тоа не беа негови лични зборови.“, вели Алекс Биалијатски
Веднаш по објавувањето на новото видео, организациајта за човекови права Хјуман рајтс воч реагираше дека тоа е доказ за бруталноста на белоруските безбедносни служби. Директорот на организацијата Кенет Рот, порача дека тоа треба да биде доказ број еден во обвинението за тортура и лош третман под претседателот Лукашенко.
Поради апсењето на Проташевич и пренасочувањето на авионот на Рајанер, ЕУ воведе санкции против Белорусија, вклучувајќи забрана за прелет и слетување на авионите на државната авиокомпанија низ воздушниот простор и аеродромите во унијата. Санкции исто така беа воведени и против лицата кои беа поврзани со пренасочувањето на авионот, кој претседателката на ЕК Урсула Фон Дер Лајен го оцени како напад врз демократијата.
Игор Трајков